ПРЕД ЖЕТВА 5.000 ТОНИ ОРИЗ СТОИ ВО АМБАРИТЕ Производителите го чуваа да го продадат поскапо летово, па сега не знаат што да му прават

Актуелната цена на оризот се движи од 30 до 32 денари за килограм, а ако при лупењето се добие над 40% бел ориз цената е 35 денари за сортата Опале, додека за сортите Сан Андреа и Канео е од 37 до 40 денари.

147

На две недели пред почетокот на жетвата на оризот, земјоделците од кочанскиот регион се соочени со проблеми околу неговото складирање поради непродадените залихи од минатогодишната реколта.

Ниските откупни цени, со кои не можат да ги покријат трошоците за производство, се главна причина што околу 5.000 тони оризова арпа сè уште стојат во амбарите, иако очекувале дека во летниот период ќе имаат некаков пораст.






– Со прибирањето на новата реколта ќе имаме проблем, затоа што откупувачите тактизираат со цените. Сега даваат од 30 до 32 денари за килограм, а ако при лупењето се добие над 40% бел ориз цената е 35 денари за сортата Опале, додека за сортите Сан Андреа и Канео е од 37 до 40 денари. Се договаравме и со министерот, кој рече дека треба да го откупат произведеното од лани, тие првично се согласија, но сега викаат дека не се во можност поради состојбите на пазарот. Извозот во Србија не одел затоа што таму имало увоз од Грција. Исто така, преработувачите сега ги ремонтираат машините за лупење на оризот од новата реколта и постојано си имаат оправдувања. Значи, ниту еден килограм од тоа што беше договорено со министерот, не е откупен- вели Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.

Земјоделците реагираат што не е утврдена нова откупна  цена на оризот, туку количините се откупуваат по цена која е определена пред неколку години според тогашните параметри за трошоци во производството.

– Сè уште се водиме според производни цени што пред три години ги дадоа од Земјоделскиот институт во Скопје, а оттогаш имаме проблем поради зголемената употреба на ѓубрива и хербициди, поради што и трошоците ни пораснаа. Значи треба да се искалкулира нова цена. Очекуваме средба со министерот за да се најде решение, со оглед што соработката меѓу земјоделците и откупувачите во изминатите дваесетина години се одвива тешко. Тоа влијае многумина да го намалат или целосно да се откажат од производството, па и да се иселуваат од државата. Потребно е да се направи либерализација на пазарот на оризот за да се обезбеди негово производство и во иднина на овие простори – изјави  Стојче Ташовски, земјоделец од Облешево.

Од претстојната жетва на оризот се очекуваат околу 20.000 тони арпа, за кои, ако не се најде решение со откупот и пласманот, ќе има проблем со складирањето.

Поврзани содржини