Планот за вакцинација против ковид-19, усвоен од словенечката Влада за првата половина на оваа година, предвидува најпрво да се вакцинираат ранливите групи и постарите лица, додека оние надвор од овие категории ќе бидат вакцинирани на пролет.
Ова го изјавија на прес-конференција премиерот Јанез Јанша, кој до именувањето нов министер за здравство, привремено ја извршува и оваа должност, и директорот на Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ), Милан Крек.
Досега, во Словенија се вакцинирани повеќе од 20.000 лица, претежно во домовите за стари лица и во болниците.
– Словенија планира да употреби четири вакцини за имунизација и во петокот успеа да склучи договор за испорака на уште 900.000 дози од вакцината на „Фајзер/БиоНТек“, откако производителите ја зголемија планираната количина во споредба со претходните најави – изјави Јанша.
Тој посочи дека наскоро ќе бидат достапни уште три вакцини кои сè уште не се одобрени од Европската регулаторна агенција за лекови (ЕМА), вклучувајќи ја и вакцината на „Астра Зенека“.
Според Јанша, стратегијата за вакцинација на Словенија се заснова на препораките на Европската комисија. Најпрво ќе бидат вакцинирани приоритетните групи – постари граѓани и други ранливи категории, а оние кои не се на приоритетната листа не можат да сметаат за имунизација пред пролетта.
Словенија планира да вакцинира 1,6 милиони луѓе или 60 проценти од населението до август годинава.