Пред да купувате онлајн проверете дали трговецот е регистриран

Асоцијацијата за е-трговија направи регистар на е-трговци, со кој очекува да се намали сивата економија во оваа област.

495

Асоцијацијата за е-трговија направи онлајн регистар на е-трговци кој е изработен во соработка со петте банки кои што нудат е-трговија и има за цел да ја зголеми информираноста на купувачите и нивната заштита, да им овозможи лесно да направат разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата и да ја намали можноста за купување од непроверени онлајн продавачи и учество во сивата економија..

Регистарот е  дел од платформата „eТрговија за сите” која на едно место ги содржи сите потребни информации за започнување и водење на бизнис во е-трговија.






Од Асоцијацијата за е-трговија велат дека се потребни заеднички напори за намалување на сивата економија – институциите да го дадат својот придонес, граѓаните да се заштитат себе си преку купување само од регистрирани е-трговци, а компаниите да ги унапредуваат своите процеси, корисничко искуство и да одиграат едукативна улога кај потенцијалните купувачи.

Извршената анкета лани на  2.800 е-купувачи покажува дека  47 отсто од купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми, а 61 отсто од нив се изјаниле дека го прават тоа затоа што им е полесно и побрзо. 48 отсто од е-купувачите никогаш не добиваат фискална сметка при ваквите нарачки, а 27 отсто рекле дека ретко добиваат. Над 70 отсто од нив ги знаат ризиците, дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се дел од сивата економија, но сепак го прифаќаат ризикот при ваквите нарачки.

Овие податоци се загрижувачки и говорат за ниското ниво на даночен морал и свест за значењето и негативните последици од сивата економија, како и ниското ниво на дигитални вештини на населението. Преку регистарот на онлајн продажни места купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистирана онлајн продавница  – велат од асоцијацијата.

Од почетокот на годината е воведен и „беџ за верификуван е-трговец” кој преставува визуелна ознака која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано неопходните законски регулативи и правила за работење во е-трговијата.

 

Поврзани содржини