Празничен панаѓур

Не смее да се заборави дека сето тоа има и друга цел: целосно да се замагли, стави во втор план, да се минимизира значењето на празникот 11 Октомври, да се постави над него поважна тема викана некаков фамозен „балансер“, да се замолчат народноослободителните фанфари и веењето на знамињата, односно, (повторно) да се заменат со мафијашки договарања и криминогени операции. Ако и овојпат влеземе во таква или слична шема, тука е крајот. Назад нема!

821

Државните празници, особено оние најзначајните и коишто посебно го тангираат македонскиот народ, се секогаш „инспирација“ за секакви ѓаволести мудрувања, со една цел: да подметнат уште едно кукавичко јајце во секојдневието преполно со слични сматоци, повторно да внесат смут и несигурност посивувајќи го не само празнувањето, туку и самата идеја за државата, но и „научно“ да ни ги објаснат сите наши досегашни „грешки“ – особено овие што ги товарат на грбот на новата власт – што пак, ќе обезбеди дополнителен сомнеж во јавноста за тој некаков актуелен „македонски пат“ и иднината на земјата.

Ние некако свикнавме државата да ни наликува на панаѓур, особено во време на празници или кога доаѓаат високи гости. Како да не знаеме уште на кој начин да си ја покажеме простотијата и провинцијализмот, но со полна уста Европа, еу (малите букви се… знаете веќе што), демократија, слободи… Ама кога ќе дојде премиер од Србија, половина влада (малите букви за тој дел на владата се целосно соодветни!) ја нема, а истите ги нема ниту кога се празнува еден од најблескавите македонски државни празници – 11 Октомври. Иако е тоа празник на сите кои живеат во државава, иако во тој 11 Октомври, или малку подоцна, учествувале и претставници на еден етникум кој сега се крие небаре тоа нив воопшто не ги тангира. А можеби и не, нели? Или се дојдени до нивото на оној нивен пратеник кој бесрамно – токму за 11 Октомври – порачува дека „Ако една земја не е заинтересирана за евроинтеграции, не гледам за логично да постои како држава“? Небаре тој, или тие им ја подариле државата на граѓаните, па сега имаат право да решаваат дали таа треба да постои или не.






А во истиот дух фрчат и паролите и лелекот за фамозниот „балансер“: дека е неопходно „да се почитува уставната категорија на соодветна и правична застапеност на етничките заедници во Македонија“ ама „забораваат“ дека таа уставна категорија прво бара стручност и компетентност, или бомбастично прогласуваат дека тоа е „форма на ’државен удар’“ и слични будалаштини, натпреварувајќи се кој ќе биде поголем заштитник на својата заедница. Се разбира дека сето ова може да се посматра и само како етнички фолклор или конкурс за најуспешна одбрана на глупоста викана „балансер“, каде дури и уставен судија мрмори за некаков „политички притисок“, други пелтечат за „етничко“ гласање и „надгласување“, а трети дури и за некаква „либанизација“ на државата!

А замислете што ќе беше одлуката за укинување на „балансерот“ да имаше ретроградно дејство? Востание? И како тоа не постои ниту една цел повисока од привилегијата над другите: ниту демократијата, ниту евроинтеграциите…, ништо? И никој од овие да праша има ли македонското малцинство во Албанија и Бугарија „балансер“?

Но, се разбира, и по правило, кај нас секогаш има дежурни „мудреци“ кои – повторно како честитка за празникот! – „теориски“ ќе нè „подучуваат“, демек ex catedra, дека „политичкиот, а не правниот процес е решавачки за стабилноста на една заедница“, дека „правото е производ на ’валканиот’ политички процес кој носи закони“ и сл. Се разбира, после цели три децении криминално-коруптивна хаварија на цела една (колку-толку) нормална држава, после сите извештаи на меѓународната заедница за неопходност од владеење на правото и сите барани системски реформи, ние дознаваме дека токму тој „процес“ на политикантско договорање бил/е решавачки за нашиот „развој“ и „добродетелство“, дека власта не може да му го наметнува правото на поединецот, дека сето она што со вчудовиденост го гледавме низ овие години како производ на мафијашка договорна држава било – нормално!?

Што сака да рече дека ние и понатаму треба да останеме заробеници на една ваква страотно ретроградна теза, недостоен до малоумност повик државата да продолжи по патот на безаконието, „договарањето“, дај-дам политиките… Обидот да ни се наметнува бласфемичен заклучок за некаков слободен натпревар на групи (демек според Бентли) наспроти владеењето на правото е токму „форма на државен удар“ (како што сакаше да сугерира Лога за „балансерот“) бидејќи ние сме сè друго освен плуралистичко демократско општество, уште помалку сме либерална демократија каде „политиката го спречува насилството“ туку кај нас токму таа го поттикнува, а најмалку во државава постои јасна линија меѓу криминалците, водачите на групите и политикантите.

И во овој и ваков контекст, којшто секојдневно добива на звучност и жестокост, подгревана токму од онакви „мудреци“, разбирлива беше неодамнешната изјава на премиерот во име на Владата, дека ќе се обидуваат да ги игнорираат таквите стапици и да не влегуваат во непотребен и крајно непродуктивен дијалог со случајни луѓе со неслучајни агенди. Зашто тие тоа го очекуваат, се разбира, тоа им е задачата, приоритетот. Но некој, токму од власта, сепак мора некако да реагира бидејќи (повторно), под маската на „друго мислење“, тие се целени да ја држат тензијата на високо ниво, не само онаа етничката туку и – политичката. Зашто, нели, политиката е сè, а тие и нивните газди сега не се баш во фокусот на настаните. Политикантите од таков вид секогаш се „возат“ на некаква претпоставена „стручност“ (иако со ништо не потврдена!), со некакви минати времиња и политикантски врхушки во коишто биле вклучувани по силата на соцреалистичките инерции и лични пријателства.

И сето тоа е уште една форма на онаа (не)културна војна со којашто се судрува државава речиси од самиот почеток на нејзината втора независност, а којашто трае до денес. Со различен интензитет, се разбира, во зависност од тековната ситуација, „идеолошката“ определба на власта (иако тука нема ама баш никаква идеологија освен онаа лукративната!) и апетитите односно наредбите на странските „партнери“. Таквите видови „специјални војни“, меѓу нив и (не)културната војна, остварувале и остваруваат резултати низ целиот свет, но и овде. И оперираат со не така голема, но добро етаблирана локална легија, одлично платена и секогаш прифатена од слични домашни јавни, односно медиумски пробисвети и групи за остварувањето на бараните резултати.

Но, секако, не смее да се заборави дека сето тоа има и друга цел: целосно да се замагли, стави во втор план, да се минимизира значењето на празникот 11 Октомври, да се постави над него поважна тема викана некаков фамозен „балансер“, да се замолчат народноослободителните фанфари и веењето на знамињата, односно, (повторно) да се заменат со мафијашки договарања и криминогени операции. Ако и овојпат влеземе во таква или слична шема, тука е крајот. Назад нема!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини