ПРАВНАТА КВАЛИФИКАЦИЈА Е СПОРНА И ПРАВНО НЕВОЗМОЖНА Обвинението е неосновано, тврди одбраната на Чекиќ
Одбраната на обвинетите за трагедијата „Пулс“ во Кочани ја критикуваше правната основа на обвинението, тврдејќи дека е исполнето со контрадикторности, неправилна постапка и несоодветно презентирани информации во јавноста.
Државниот секретар Размена Чекиќ Дуровиќ и останатите обвинети остро ја оспорија правната конструкција на обвинението за трагедијата „Пулс“ во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На денешното рочиште во Кочани, одбраната обвини дека Обвинителството гради случај врз, како што рекоа, „контрадикторни, непоткрепени и правно невозможни дејствија“.
Рочиштето се одржа под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, семејствата на жртвите и голем број новинари. Одбраната во воведните излагања ја оспори основата на обвинението, укажувајќи дека во јавноста се шират неточни и тенденциозни информации за институционалната одговорност и правниот статус на објектот.
Адвокатот Гоце Ристевски, бранител на Размена Чекиќ Дуровиќ, истакна дека обвинителниот акт е оптоварен со, како што наведе, „серија внатрешни противречности“ кои го прават невозможно извршувањето на дејствијата кои ѝ се ставаат на товар.
– Обвинетата се товари за кривично дело Тешки дела против општата сигурност од членовите 292 и 288 од КЗ. За ова дело е предвидена казна до пет години затвор, што значи дека обвинителот бил должен да поднесе обвинителен предлог, а не обвинителен акт. Тоа подразбира скратена постапка, со други процесни правила – изјави Ристевски.
Тој додаде дека правната квалификација, како и описот на дејствијата за Чекиќ Дуровиќ, „не може да биде дел од оваа постапка ниту правно, ниту фактички“.
Одбраната на другите обвинети ја критикуваше и работата на Обвинителството, наведувајќи дека доколку се бара причинско-последична врска „низ целиот систем и институциите“, тогаш, како што посочија, одговорност треба да постои и кај самото обвинителство.
Случајот „Пулс“, кој ја потресе државата, ја вклучува најголемата трагедија од овој тип во поновата историја – пожарот во ноќниот клуб во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Судењето ќе продолжи на 23 декември, кога ќе биде даден воведниот збор на одбраната на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, чие дело беше споено со овој предмет непосредно пред почетокот на главната расправа. На следното рочиште воведни зборови ќе дадат и претставниците на двете правни лица кои се дел од обвинението.