Пратеникот Салиу: Јас не предизвикав инцидент на ГП Блаце, полицајците ме испровоцираа
Моето однесување можеби не им се допадна на граничните полицајци кои се обидоа да ме испровоцираат мене и моето семејство. Исто така, јас и моето семејство, и покрај притисокот на граничната полиција, не сме воопшто загрижени за заканите со парични казни и запирања, загрижувачки е злоупотребата на моќта што се обидува да ме извалка, вели пратеникот од редовите на Алијанса за Албанците.
Ве уверувам дека не предизвикав никаков инцидент, туку граничните полицајци се обидоа да ме испровоцираат мене и моето семејство, вели пратеникот од редовите на Алијанса за Албанците, Абдула Салиу, за кого МВР вчера соопшти дека направил скандал на ГП „Блаце“ при влез од Косово во Македонија.
Тој на Фејсбук тврди дека граничната полиција не се однесувала професионално кон народен избраник и претставник на гласачите во земјава.
„Почитувани граѓани, членови, симпатизери и поддржувачи на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, се извинувам ако овие натписи направија да се чувствувате лошо, но ве уверувам дека не предизвикав ниту мал инцидент. Моето однесување можеби не им се допадна на граничните полицајци кои се обидоа да ме испровоцираат мене и моето семејство. Исто така, јас и моето семејство, и покрај притисокот на граничната полиција, не сме воопшто загрижени за заканите со парични казни и запирања, загрижувачки е злоупотребата на моќта што се обидува да ме извалка“, напиша меѓудругото Салиу.
Тој вели дека побарал да помине побрзо оти имал дипломатски пасош, но како што ели, полицијата и царината биле дрски со него.
Според полицискиот извештај, тој на висок тон им се обратил на полицајците со образложение дека никаде не чекал ред и дека ни тука нема да чека.
„На 27.02.2021 во 18.25 часот на Граничен премин „Долно Блаце“, А.С.(60) од Скопје, кој се претставил како пратеник во Собранието на РСМ и кој бил со неговото семејство со патничко возило ‘фолксваген пасат‘, со скопски регистарски ознаки, на висок тон се обратил на полициските службеници со образложение дека никаде не чекал ред и дека ни тука нема да чека. По целосно документирање на случајот, против А.С. ќе бидат изготвени поднесоци по член 4 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, по Законот гранична контрола (избегнување гранична контрола) и по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (престигнување колона)“, се вели во полицискиот билтен.