ПРАТЕНИК ОД АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ НА ТАРАВАРИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА Сулејмани се откажува и од сите функции во партијата
Ова политичко сојузништво е прекршување на нашите ветувања и недостојно претставување на Албанците. Не можам да бидам дел од алијанса што прави компромиси со луѓе кои се спомнати на меѓународни црни листи поради сериозни афери, нагласува пратеникот Сулејмани коментирајќи ја најавената соработка на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари со ДУИ.
Пратеникот Салим Сулејмани ја извести јавноста дека поднесува оставка од сите партиски функции во Алијансата за Албанците(АА), како и од функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.
„Со полна морална, професионална и политичка одговорност, ве информирам дека поднесувам оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“, наведува Сулејмани.
Тој објаснува дека неговиот политички ангажман произлегол од чувство на одговорност и желба за вистинска промена, а не од лична амбиција, нагласувајќи дека учеството во коалицијата Вреди било мотивирано од потребата за соочување со, како што наведува, неуспесите на ДУИ и нивната злоупотреба на власта.
„ДУИ, партија која две децении е дел од власта, наместо да биде достоен претставник на Албанците, се претвори во структура поврзана со лични и клановски интереси. Коалицијата Вреди ја гледав како антипод на таа коруптивна матрица“, вели Сулејмани.
Сепак, според него, во последниот период дошло до сериозно отстапување од првичните принципи, особено по приближувањето на АА до ДУИ во пресрет на локалните избори.
„Ова политичко сојузништво е прекршување на нашите ветувања и недостојно претставување на Албанците. Не можам да бидам дел од алијанса што прави компромиси со луѓе кои се спомнати на меѓународни црни листи поради сериозни афери“, нагласува тој.
Сулејмани истакнува дека неговата кауза не завршува тука, туку ќе продолжи уште посилно, но во други форми на ангажман, со цел, како што наведува, да служи на граѓаните уште поефикасно.
„Ветувам дека многу скоро ќе ги почувствувате резултатите и ќе ги видите трагите од мојот ангажман во иднина. Барам само трпение и разбирање, додека вистината не излезе целосно на површина“, стои на крајот од објавата на Салим Сулејмани.