ПРАТЕНИЦИТЕ ЗАВРШИЈА СО ОДМОРОТ, ПА СЕГА Е ВРЕМЕ МАЛКУ ДА СЕ ОДМОРАТ Ќе зјаат ли празни клупите во Собранието?
Нема ништо да се смени на подобро во блиска иднина. Повторно ќе имаме нефункционално и блокирано Собрание, па работите во државата ќе продолжат отежнато да се одвиваат, предвидуваат политичките аналитичари, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно соопшти дека пратениците ќе продолжат да ја блокираат работата на Парламентот.
Со 29 почнати, но незавршени седници и над 80 точки кои останаа неразгледани поради тоа што воопшто не беа свикани комисиски седници, Собранието од денеска и официјално треба да започне со работа. Но, дали пратениците конечно ќе почнат да доаѓаат на работа или повторно ќе прават сѐ за да ја отежнат работата на оваа институција, најмногу зависи од волјата на политичките партии.
Сепак, активната блокада на опозициската ВМРО-ДПМНЕ по сѐ изгледа ќе продолжи и понатаму и сите закони и решенија од кои граѓаните немаат бенефит ќе бидат стопирани, најави координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, кој денеска заедно со останатите сопартијци-пратеници одби да присуствува на координацијата свикана од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
– Апсолутно за сите продолжувања на кризни состојби ќе бараме дополнителни информации за тоа каде се потрошени парите, зошто се донесени, што е постигнато со сите нив, и ќе има исклучиво голема дискусија од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку има и најмал сомнеж, апсолутно нема да дадеме никаква поддршка на сите оние криминали што сакаат да ги прават преку кризните состојби – истакна Мицевски.
Владиното мнозинство, пак, кое во изминатите месеци тешко обезбедуваше кворум за одржување седници, сега се надева дека таквиот проблем ќе биде надминат и дека ќе се подобри соработката со опозицијата, а според најавите, првата собраниска седница се очекува да биде одржана на 14 септември.
– Најискрено очекувам функционално Собрание затоа што тоа е во интерес на граѓаните, особено во вакви услови наметнати со енергетската криза и сите последици од неа. Секако, мора да се движат и другите обврски за кои е надлежно Собранието. Парламентарното мнозинство е тука за граѓаните, остануваме посветени на граѓаните. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска одби да присуствува на координацијата кај спикерот Талат Џафери, но се надевам дека ваквото однесување ќе се промени во иднина. Наместо блокирање и одолговлекување на седниците, потребен е функционален и ефикасен Парламент – изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, на денешната прес-конференција пред зградата на Собранието.
Активната блокада на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ започна на 10 мај како притисок за предвремени избори. Пратениците на оваа партија учествуваа на седниците, но ги искористија можностите предвидени со Деловникот да ја блокираат постапката. Единствените точки што поминаа се оние кои беа поврзани со подобрување на финансиската состојба на некои категории граѓани.
Со пратениците само строго!
Функционално собрание и дебата ќе добиеме во оној момент кога пратениците ќе бидат „уценети” за својата работа, смета политикологот Димитар Христов.
Oпозицијата наместо да повикува на бојкот, треба да се појави со разумни и со јасни ставови за кои може да се дебатира.
– Најпаметно во случајов би било да се ограничат средствата што се трошат за патни трошоци. На пример, доколку не се појави пратеникот на неколку седници по ред, тогаш треба да го врати целиот износ што го искористил за претходниот месец. Бројот на земени зборови и процедурални обраќања исто така треба да се стават на повисока граница и средствата што пратениците ги добиваат да бидат пропорционални со нивните јавувања за збор. Сигурен сум дека постојат пратеници што ниту сме ги виделе, ниту сме ги слушнале, а сме заситени со едни исти лица што се постојано на говорница. Доколку од партијата, пак, внатрепартиски не им дозволуваат да се јават за збор, тогаш зошто воопшто ги кандидирале тие луѓе? Околу конструктивната дебата, таа ни е повеќе од потребна за Собранието да ги исполни неговите очекувања – објаснува Христов.
Иако е демократски и дозволено е блокирање на Собранието со бојкотирање или со развлекување на дебатата, тоа нема да вроди со плод, појаснува тој.
– Опозицијата наместо да повикува на бојкот, треба да се појави со разумни и со јасни ставови за кои може да се дебатира. А бидејќи ни се заканува тешка зима и уште подлабока криза на секое поле, пратениците, со чест на исклучоци, мора под итно да се освестат и да почнат да си ја работат работата за која што се преплатени и да почнат да нудат решенија и предлози за излез од кризата. Бојкотот не е решение – смета Христов.
Три дена отсуство = отказ
Со оглед на тешката есен што нѐ очекува во поглед на нефункционалноста на македонското Собрание, политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека е потребно да се изврши регулирање на пратеничкиот мандат како и за секој друг вработен човек во приватниот или во јавниот сектор.
– Ако пратеникот не се појавува три дена на работа, тогаш автоматски треба да го губи своето работно место. Исто така, доколку пратеникот доаѓа на работа, но не си ја извршува работата за којашто е платен, тогаш повторно треба да го губи мандатот. Значи, мора да се донесе нов Деловник во кој не мора пратениците да бидат поставени како да се богови. Имаат енормно високи плати во споредба со платите на обичните граѓани, земаат еден куп бенефиции од патувања и патни трошоци, а нивниот труд и резултат се незабележителни. Ако направиме анализа за тоа што сработиле пратениците во изминатиот период, тогаш ќе заклучиме дека Собранието работи само со 10 отсто од капацитетот. За жал, Парламентот сега не претставува ништо друго освен машина за гласање и за договарање. Таму се слушаат само желбите на лидерите на партиите, па јас со години веќе не гледам никаков бенефит од тие пратеници кои се однесуваат како да се богови – објаснува Пекевски.
Ако направиме анализа за тоа што сработиле пратениците во изминатиот период, тогаш ќе заклучиме дека Собранието работи само со 10 отсто од капацитетот.
Тој, сепак, признава дека лесно е да се зборува како треба да биде, но многу тешко е да се изведе тоа во пракса, бидејќи повторно сѐ зависи од самите пратеници.
– Можно е да се сменат работите и да се направат измени во Деловникот на Собранието, но тоа треба да го изгласаат пратениците. Значи, тие треба свесно да се откажат од своите бенефиции и привилегии, а такво нешто, реално, никогаш нема да се случи. Така што, нема ништо да се смени на подобро во блиска иднина. Повторно ќе имаме нефункционално и блокирано Собрание, па работите во државата ќе продолжат отежнато да се одвиваат – вели Пекевски.
Нов пратенички состав
За функционално Собрание е потребен нов пратенички состав, смета поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

– Со месеци не се одржуваа седници за пратенички прашања или надзорна расправа. Во вакви услови, освен што не може да го обезбеди простото мнозинство, речиси е невозможно власта да има две-третинска поддршка за уставните измени. Единствениот излез од ваквата состојба во Законодавниот дом се нови парламентарни избори, и тоа што е можно поскоро – објаснува Димовски.
Во последните денови, додава тој, гледаме дека многу голем дел од пратениците на владејачкото мнозинство имаат лични причини за да ја поддржуваат власта, односно немаат легитимитет политички да ја поддржуваат власта, поради тоа што добиваат услуги од извршната власт.
– Од тој аспект мислам дека сме поодамна во фаза во која што на Македонија ѝ е потребен нов состав на Собранието, за да може тоа Собрание да функционира – коментира Димовски.