Пратениците „космонаути“ дојдоа, гласаа и сторија кривично дело
Дополнението на протоколот се однесува на пратеници кои се во самоизолација, без симптоматологија на ковид, наведува адвокатот Митровски.
Доаѓањето во Собранието во скафандери на двајца пратеници позитивни на ковид-19 денеска предизвика многу негативни реакции кај граѓаните, партиите, лекарите, но и меѓу адвокатите.
„Херојство е здрав да отидеш и да помагаш на инфективно. Болен да одиш на работа не е никакво херојство, тоа е кривично дело“, коментира адвокатот и член на партијата Твоја Александар Тортевски.
Адвокатот Јанаки Митровски вели дека првиот владин пропагандист Марјан Забрчанец не ја кажува вистината кога тврди дека пратениците кои денеска гласаа со скафандери во Собранието не го прекршиле законот.
„Забрчанец не е вистина! Дополнението на протоколот се однесува на пратеници кои ‘се во самоизолација, без симптоматологија на ковид’. Овие се позитивни. А полни усти беа владеење на право, правда, дрн дрн дрн!“, напиша адвокатот Митровски, кој даде кратка правна анализа на владините мерки и протоколи.
„Постои јасен, прецизен и строг протокол за ваквите случаи, изработен од Собранието, одобрен од Комисијата за заразни болести. Денес во Собранието позитивните пратеници гласаат мерки за граѓаните и при тоа не се во никаков контакт со останатите пратеници, целосно се изолирани во посебни возила, посебни ходници и посебни кабини во Собранието“, објави Марјан Забрчанец посебен советник на премиерот Зоран Заев.
Според Митровски, законот е јасен дека пратеничката што признала дека е позитивна го прекршила законот.
„Подложна е на прогон космонаутов по член 206. Дополнувањата на протокол за гласање, се однесува на пратеници кои ‘се во самоизолација а немаат симптоматологија на Ковид’. Во превод во изолација поради контакт или само суспектни. Е пратеничкава, како што самата наведува, е позитивна на ковид. Е сега по брза постапка кога ќе ѝ се пушти ОЈО Скопје со казнен налог ко на пола Македонија. Само се шегувам“, пишува адвокатот Митровски.