Пратениците ќе решат дали компаниите ќе ја добијат помошта навреме
Носењето на законските решенија е битно за стопанството и за справувањето со економските последици што ги имаат граѓаните и стопанството од ковидкризата.
Десеттина од 29-те мерки од петтиот економски пакет треба да се реализираат со носење на законски решенија, а сите кои се поврзани со Развојната банка се веќе во собраниска процедура, како што се законот за инвестициски фондови и законот за државна гаранција. Во собраниска процедура се и некои други законски решенија кои ќе ги операционализираат мерки од четвртиот и петтиот пакет, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Инструментите, како што потенцира, се исти и мерките ќе се операционализираат кога тие ќе бидат донесени.
– За она што беше најитно – финансиската поддршка на плати, законското решение беше усвоено на Влада дента кога се промовираа мерките и веќе е влезено во собраниска процедура за усвојување. Сметам дека тука завршува можноста ние како извршна власт да реагираме за тоа кога и како би се донел законот – рече Битиќи.
Носењето на законските решенија, потенцира, е битно за стопанството и за справувањето со економските последици што ги имаат граѓаните и стопанството од ковидкризата.
– Затоа најбрзо што е можно треба да бидат донесени низ собраниската процедура. Сметам дека доблеста на секој од нас е да се воздигнеме над нашите партиски и лични интереси за да им помогнеме на граѓаните кога им е најтешко. Токму затоа сметам дека ќе се најде кворум и доблест Собранието да работи и прекувремено ако треба за што тоа е одговор кон потребите на граѓаните – посочи Битиќи.
За втората мерка од петтиот пакет, која е исто така насочена кон стопанството, истакна дека законското решение е поврзано со веќе постојните законски предлози за државна гаранција и кредитните линии што се спроведуваат со Развојната банка кои се дадени во Собранието и кога ќе се одобри, како што рече, веднаш ќе може да се пристапи кон операционализација.
– За законското решение за отпис на камати се уште се прават консултации со јавните комунални претпријатија, единиците на локална самоуправа и органите на управа за да се најде најлесниот пристап и да биде оперативно. Нашето очекување е оваа мерка да биде операционализирана во март или април зашто е неопходна обемна собраниска процедура низ која ќе треба да се донесе законот – рече Битиќи.