ПРАТЕНИЧКИТЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТА НЕ СМЕАТ ДА ГОВОРАТ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА НА ТРЕНЧЕВСКА Жените од ВМРО-ДПМНЕ има да слушаат и да молчат!
Ниту една пратеничка од опозицијата не е поканета како панелистка на конференцијата „Жени во политиката, говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, која ќе се одржи на 1 март во хотелот „Хилтон“.
Откако добиле покана од страна на Наташа Димеска, шефица на кабинетот на министерката Јованка Тренчевска, која е организатор на конференцијата, пратенички од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се огласија со реакција.
„Загрижени сме и револтирани затоа што во програмата на самата конференција, во ниту еден модул, ниту една пратеничка од опозицијата не е поканета како панелистка или говорничка. Тоа, за жал, јасно упатува на заклучокот дека организаторите не сакаат ни да слушнат, а камоли да прифатат поинакво мислење од нивното. Воедно, ве информираме дека ние не можеме да присуствуваме на настан или дебата за која никој не нѐ консултирал и не нѐ прашал дали имаме што да кажеме и предложиме, туку некој го составил списокот на говорнички по сопствено мислење“, се вели во реакцијата до организаторот.
Ако се бориме за еднаква застапеност, рамноправност и за недискриминација, мора така и да се однесуваме, се вели во реакцијата и се додава:
„Женската борба е заедничка цел на сите жени во општеството, не е ексклузивитет на никого. Да се слушне гласот на опозицијата е европска вредност и додадена вредност во борбата за женските права. Очекуваме поголема транспарентност и широчина од Министерката Јованка Тренчевска, која е воедно и претседателка на Форумот на жени во СДСМ“.