📷 📽️ ПОЖАРОТ ВО „ЈАСЕН“ НЕ СТИВНУВА Хеликоптери и специјалци се борат со огнената стихија
Хеликоптери, специјалци и пожарникари и денеска ја водат битката со големиот шумски пожар во ловиштето „Јасен“, кој се доближи до патот кај езерото Козјак.
Борбата со големиот шумски пожар во ловиштето „Јасен“ продолжува и денеска. Во текот на ноќта огнот се доближи до шумскиот пат кој води од влезната капија на ловиштето до ресторанот на брегот на езерото Козјак, но благодарение на претходно расчистениот терен од вегетацијата, не беше дозволено негово ширење, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека во акцијата биле вклучени припадници на Единицата за брзо распоредување со пинцгауери, вработени во ловиштето „Јасен“, пожарникари од Скопје и Македонски Брод, како и тим на ДЗС, кои со здружени сили успеале да спречат огнот да премине од другата страна на патот.
– Утрово започна специфична и опасна операција за правење нов противпожарен појас на стрмниот гребен кој се спушта кон езерото, со цел огнот да биде целосно запрен. И покрај густиот чад, еден полициски и еден армиски хеликоптер дејствуваат од рано утро, а се очекува приклучување и на авион-ер трактор од ДЗС штом се расчисти видливоста – изјави Ангелов.

На терен се распоредени и специјалци од армијата и полицијата од елитните единици „Волци“ и „Тигри“, претежно алпинисти, кои работат во исклучително опасни услови за да го расчистат појасот и да ја стават огнената стихија под контрола.
Во моментов, во државата се активни уште неколку пожари, но според информациите од надлежните институции, тие се безбедни и зафаќаат само ниска вегетација, трева и грмушки.