ПОЖАРОТ КАЈ АТИНА НАДВОР ОД КОНТРОЛА Градот може да остане без струја (ВИДЕО)
Да потсетиме, утрово околу 5 часот грчките власти разбудија илјадници луѓе во северните предградија на Атина и започнаа евакуација поради огромниот пожар.
Сѐ посилниот ветер го расапали веќе огромниот шумски пожар северно од грчката престолнина. Пожарот, исто така, се закани со инсталацијата која е клучна за снабдувањето со електрична енергија во Атина, пристапот до дел од автопатот беше прекинат, а жителите на две други населби во подножјето на планината Парнита беа евакуирани.
Илјадници луѓе денеска ги напуштија своите домови во предградието на Атина, а стотици беа евакуирани со чамци од блискиот остров Евбоја, четврти ден од борбата против катастрофалните шумски пожари разгорени од силните ветрови и екстремно високите температури.
Пожари околу главниот автопат
Неколку предградија на Атина се евакуирани бидејќи горат пожари околу главниот автопат што го поврзува главниот град со северот на земјата, а стотици пожарникари со канадери се обидуваат да спречат ширење на пожарот во блискиот град Маратон.
Температурите се над 40 Целзиусови степени цела недела и не се очекува да се намалат во текот на денот, бидејќи силниот ветер би можел да ги рашири пожарите уште повеќе.
Пожарот се приближи до клучната електрична инсталација
Според грчките медиуми, пожарот се приближил до инсталацијата на грчкиот оператор за дистрибуција на електрична енергија (АДМИЕ) во населбата Агиос Стефанос. Доколку инсталацијата е погодена од пожарот, големи делови од грчката престолнина би можеле да останат без електрична енергија.
Имаше прекин на електричната енергија во најмалку две предградија, како и на островот Евбоја, каде што се засили ветерот.
Луѓето се јавуваат преку СМС порака за евакуација
Најголемиот пожарен фронт се наоѓа во близина на населбата Афиднес, поради што властите беа принудени да затворат дел од автопатот. На камионите им е забрането да возат по автопатот до понатамошно известување, а автомобилите што се движат на север од Атина се пренасочуваат да ги заобиколат патиштата.
Околу 11 часот, цивилната заштита испрати СМС порака до илјадници жители за евакуирање населбите Капандрити, Полидендри и Малакаса. Жителите беа испратени во крајбрежните градови Варнаву и Неа Макри.

Евакуацијата на илјадници луѓе започна во 5 наутро
Да потсетиме, утрово околу 5 часот грчките власти разбудија илјадници луѓе во северните предградија на Атина и започнаа евакуација поради огромниот пожар.
Имено, пожарот го премина автопатот Атина-Ламија и влезе во Агиос Стефанос, Полиндри, Капандрити, Пефкофито и голем број други места во предградијата на Атина во подножјето на планината Парнита.
На жителите на Вотонас и Маратон во 5 часот им беше наредено да се упатат кон брегот, а пожарникарите предупредуваат дека главниот пожар е поделен на повеќе фронтови и се шири во повеќе различни насоки. Метеоролозите изјавија дека очекуваат да продолжи да дува силен ветер, што ќе ја отежне работата на пожарникарите.
Потврдено е дека десетици куќи во предградијата на Атина изгореле во петокот. Заменик-градоначалникот Јоргос Достис потврди дека пожарите опустошиле површина од најмалку 4.500-5.000 хектари.
За среќа, нема загинати, а само неколку пожарникари беа хоспитализирани поради помали изгореници и повеќе граѓани кои го вдишаа чадот.
Катастрофа на островот Евбоја
Туристичките бродови и бродовите на крајбрежната стража евакуираа 631 лице од три плажи на островот Евбоја од четвртокот вечерта, каде што пожарот од вторникот зафати големи делови од боровата шума и стигна до морето.
– Се обидуваме, со она што го имаме, да се справиме со најголемата катастрофа на Евбоја во последните 50 години – рече заменик -гувернерот на островот, Јоргос Келаидитис.
– Зборуваме за стотици оштетени куќи, стотици илјади хектари запалена шумска земја и посеви, што ќе погодат многу луѓе – рече тој.