ПОЖАРИТЕ СТИВНУВААТ, УШТЕ ГОРИ КАЈ РАОВИЌ Се бараат пироманите
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во објава на Фејсбук напиша дека дел од пожарите во земјава се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа, како што апелираше, мора да имаме посериозна одговорност.
Една недела по прогласувањето на кризната состојба во државата поради пожарите, заклучно со вчерашните податоци на Центарот за управување со кризи, мал е бројот на активните. Паралелно се продолжува со подготовки за процени на штетите на зафатените локации од пожарите, но и за утврдување на причините за нивно избувнување. Според надлежните, дел од пожарите во земјава се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа мора да имаме посериозна одговорност.
На територија на земјава до синоќа имаше два активни пожара, во скопското село Раовиќ и на потегот меѓу селата Барово и Вешија, каде на непристапен терен беше опожарена мешовита нискостеблеста и високостеблеста шума. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека во гаснењето на пожарот интервенираат две теренски возила, една цистерна на Територијалната противпожарна единица (ТПЕ) од Неготино со шест пожарникари, четири цивилни лица волонтери, едно теренско возило, четворица пожарникари од ТПЕ од Кавадарци и теренско возило и пет вработени од ШС Демир Капија. По барање на градоначалникот на општина Демир Капија ангажирани се и два армиски хеликоптери.
За пожарот кај село Раовиќ, во општина Сарај, надлежните информираа дека повторно на три-четири места се забележува чадење на самиот срт и по сртот на планината Осој. Пожарите кај селата Дивље и Крушија, пак, се ставени под контрола. Изгаснат е пожарот што избувна во текот на вчерашниот ден на месноста наречена Градишче, атар на село Владимирово, а пожарот на градската депонија Виница во место наречено Лесковски пат е локализиран, но не и целосно ликвидиран. Ставен е под контрола пожарот, кој избувна меѓу селата Матејче и Виштица, каде гори сува трева и грмушки.
Појава на пожар на отворен простор имало и во атарот на село Отља, кон село Матејче. Во гаснењето на овој пожар се вклучени тројца пожарникари со противпожарно возило, четворица полицајци од ПС Матејче, како и 30-тина граѓани од село Отља. Пожарот е ставен под контрола и не постои опасност од проширување кон објекти и шума.
Во текот на вчерашниот ден гореше депонијата „Краста“ во Куманово. Екипи на „Чистота и зеленило“, на приватни компании со механизација, а претходно и екипи на територијалната противпожарна единица го локализираа пожарот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во објава на Фејсбук напиша дека дел од пожарите во земјава се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа, како што апелираше, мора да имаме посериозна одговорност.