ПОЖАРИТЕ СЕ МОЖНА СУБВЕРЗИЈА ЗА ДА СЕ ПРЕДИЗВИКА СТРАВ КАЈ НАСЕЛЕНИЕТО Милошоски им порача на потпалувачите дека ќе одговараат
Пожарите во СКопје не беа случајни, особено не пожарот на депонијата Дрисла, каде има директор на ДУИ, кој беше повикан на информативен разговор, па истрагата ќе покаже дали со некое сторување или несторување се случил тој пожар, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Пожарите во Скопје не се случајни, тие се можна субверзија за да се предизвика страв кај населението и да се предизвика политички ефект, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
– Во врска со пожарите и интензитетот по кој што се случуваат, а за последниот имаше и одредена видеоснимка, не би рекол дека се случајни, особено не пожарот во депонијата Дрисла. Значи, Дрисла е институција која има стандарди и норми на одлагањето на сметот, за неговото согорување ако има потреба… Директорот на Дрисла е од ДУИ, знам дека бил повикан на информативен разговор и ќе се покаже и според тоа и според други сознанија дали и како се работело во ова претпријатие и дали со некое сторување или несторување се случил тој пожар во Дрисла, којшто предизвика поголемо загадување и потоа беше саниран – рече Милошоски во гостување на ТВ24.
Сметам дека ваквото дејствување има елементи на субверзија, додаде тој.
– Целта е да се предизвика несигурност кај граѓаните, да се предизвика страв, паника, да се одвлече вниманието од надлежните институции коишто се ангажирани во борба против криминалот, да се дефокусира, да се насочат ресурсите на друга страна, па на крајот на краиштата да се постигне некој политички ефект – рече Милошоски.
Пратеникот посочи дека наскоро се очекува да биде оформен предмет за пожарите.
– Има одреден дел на поединци кои се повикани на распит и некои се осомничени и мислам дека во соработка со Обвинителството ќе може за скоро време да имаме и предмет којшто би бил оформен во оваа насока. Овие пожари очигледно е дека не се случајни и државата ќе биде активна и се надевам, како што беше случајот со пожарот кај Стаклара во Кисела Вода, дека доколку било кој се осмели во иднина на ваков начин, ќе имаме не само осомничени, туку и на лице место фатени сторители. Сметам дека таквиот начин би бил најдобар, за да се упати една силна пораки дека тие што го прават ова без разлика дали е поединечен акт или е некаква политичка саботажа, ќе одговараат за вакви тешки дела по здравјето на граѓаните – вели Милошоски.