„Би свадба – помина“. Изборите завршија. Бројките се такви какви што се. Сите што обезбедија пратенички фотелји прогласија победа. Ништо чудно и неочекувано. Одамна е познато дека на Балканот поразите се слават како најголеми победи.
Но, за волја на вистината, сакал некој или не, ваквите изборни резултати не дозволуваат избегнување на, според големиот Махатма Ганди, еден од седумте светски гревови, а тоа е „политика без принципи“.
Сум бил, што би се рекло, „пет минути во политиката“ и добро знам дека на македонската политичка почва многу добро виреаат: „Целта ги оправдува средствата“ од Макијавели и „После мене потоп“ од Луј 14. И затоа, наместо совети и мудрувања, доволно ги имаат од оние дебело платените околу нив, најдобронамерно, другарот Заев и господинот Мицкоски ќе ги потсетам на две песни од двајцата најголеми поети и интелектуалци во македонската историја:
Ќе нè има ли
да речеме тогаш
кога ќе нè нема –
ако нè немаше токму тогаш
кога требаше да нè има?
Ќе бидеме ли
затоа што бевме
или пак сме
за да продолжиме
во бидувањето?
(„Прашања“ – Гане Тодоровски)
Со замислени меѓи сум ја означил својата татковина.
Сум поставил белези на сите нејзини
граници и на сите стратегиски точки: на
тераси, над реки, езера и над морски брег
кај што сум седел долго со пријатели во
летни вечери, при чашка црвено вино.
На пазаришта со раскошни бои и опојни
мириси од есенско обилие.
На планински врвови кога низ проретчени
облаци се открива поглед во
далечни предели.
До кај што сум ја пренесол својата љубов
дотаму е мојата татковина.
А вие, еј!
На што сте смислиле да ја сведете?!
(„Татковина“ – Блаже Конески)
На крајот, да се потсетиме за да не заборавиме дека историјата и обврзува и суди, или, што би рекол Волтер: „Историјата докажува дека историјата може да докаже сè“.
(авторот е поранешен пратеник)