ПОВТОРНО ПОЖАР КАЈ „ТРЕСКА“ Пожарникарите брзо го локализирале
Веднаш беше интервенирано со испраќање дополнителни сили и за 15-тина минути пожарот е ставен под контрола и целосно изгаснат - рече командирот на скопската противпожарна служба Звонко Томевски.
Рано утринава се појавија нови огнови и чад во вчера опожарените објекти на поранешна „Треска“.
Пожарникарите кои останале во текот на ноќта на лице место, рано утринава забележале дека има нови пламени. Интервенирано е веднаш и пожарот е локализиран. Неофицијално, опожарени биле објекти кои не биле зафатени од вчерашниот пожар во делот кој се граничи со улицата „Франклин Рузвелт“.
– Во независен објект кој не беше опожарен во текот на вчерашниот ден се појави пожар или во непосредна близина на авто-мото салонот кој е тука. Веднаш беше интервенирано со испраќање дополнителни сили и за 15-тина минути пожарот е ставен под контрола и целосно изгаснат – рече командирот на скопската противпожарна служба Звонко Томевски.
Тој додаде дека во моментов на ова место имаат 5 возила со 15 пожарникари, дел од нив беа во текот на целата ноќ да ја обезбедуваат локацијата.
Според изјавите од скопската Противпожарна бригада ова не е изненадувачки со оглед дека станува збор за широко опожарено подрачје и објекти во кои има стари резервоари за нафта и бензин. Пожарникарите денеска ќе продолжат со расчистување на теренот зафатен од пожарот а ќе се врши и истрагата за можните причини за пожарот.
Вчера околу 14:10 часот избувна голем пожар во кругот на поранешната фабрика „Треска“. Опожарени беа поголем број објекти. Два часа со пламените јазици се бореа 55 пожарникари.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска по локализирање на пожарот изјави дека првичните согледувања укажуваат на тоа дека пожарот бил подметнат. Апелираше надлежните институции во најкусо време да ја утврдат причината за избувнувањето на пожарот и доколку се потврди дека е подметнат, виновниците да се пронајдат и соодветно санкционираат.