📷 ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНИ ПРИМИЈА ПРП ТЕРАПИЈА БЕЗ ДА ПАТУВААТ ВО СКОПЈЕ Голем чекор за здравствениот систем во регионот
„Ова е огромен чекор напред за здравствениот систем во регионот. ПРП терапијата од сега ќе може да се примени и во Кочани, без потреба пациентите да патуваат до Скопје“, соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Во Општата болница во Кочани е воведена ПРП терапија (терапија со плазма збогатена со тромбоцити), која се примени кај 10 пациенти повредени во неодамнешната трагедија. Медицинската интервенција беше изведена од тим од болницата „Св. Наум Охридски“ од Скопје, кој со поддршка на локалниот персонал успешно ги спроведе третманите, информираше директорот на ФЗО, Сашо Клековски.
„Ова е огромен чекор напред за здравствениот систем во регионот. ПРП терапијата од сега ќе може да се примени и во Кочани, без потреба пациентите да патуваат до Скопје“, соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Претходно, 9 други лица беа третирани на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, но новиот чекор значи дека ваквата услуга веќе е достапна и во источниот регион, што значително ќе го олесни процесот на рехабилитација за пациентите.
ПРП (Platelet-Rich Plasma) терапијата претставува современ медицински пристап кој користи плазма добиена од сопствената крв на пациентот. Таа е збогатена со тромбоцити и се аплицира директно на местото на повредата, со цел забрзување на процесот на заздравување и обновување на оштетеното ткиво. Најчесто се применува кај изгореници, рани, повреди на меките ткива и пооперативна рехабилитација.
Со воведувањето на ПРП терапијата, Кочани се приклучува на малата, но растечка мрежа на болници низ Македонија кои нудат напредна регенеративна медицина – што е, како што велат здравствените власти, само почеток на процесот на модернизација на локалната здравствена грижа.