ПОВРЕДЕНИТЕ ВЕЛОСИПЕДИСТИ НА СВОЈА РАКА ТРЕНИРАЛЕ НА НЕОЗНАЧЕНА ПАТЕКА Велосипедската федерација појасни дека патеките за тренинг биле со полициска придружба за да се избегнат инциденти
Наспроти нашите препораки, велосипедистите на своја рака се упатиле на тренинг и тоа на патека која воопшто не беше означена како дел од терените за тренинг, се наведува во реакцијата од Велосипедската федерација на Македонија објавена на Фејсбук.
Велосипедската федерација на Македонија жали за инцидентот во кој кумановец со возило удри во двајца велосипедисти од Исланд, учесници на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ). Федерацијата им посакува брзо опоравување и појасни дека за време на инцидентот тие не тренирале на предвидените патеки.
„Организацијата на EYOF јасно упати и одреди за сите велосипедисти учесници на натпреварите точно утврдени термини за тренинг, на точно утврдени патеки за тренинг кои беа проследени со полициска придружба токму од причина да не дојде до вакви инциденти, имајќи ја во предвид сообраќајната некултура која владее. Наспроти нашите препораки, велосипедистите ‘на своја рака’ се упатиле на тренинг и тоа на патека која воопшто не беше означена како дел од терените за тренинг“, се наведува во реакцијата од Велосипедската федерација на Македонија објавена на Фејсбук.
Оттаму додаваат дека повреденото дете со скршена рака чија фотографија се споделува е дел од репрезентацијата на Литванија. Националната репрезентација на Литванија уште пред отворањето на игрите објавила дека велосипедистот се повредил на патеката за Крос кантри во Куманово за време на тренинг при пад врз еден од техничките елементи на самата патека.
„Тоа е сосема друг инцидент кој нема никаква поврзаност со сообраќајниот инцидент. Тврдиме дека сите протоколи и безбедносни мерки беа спроведени од наша страна а се однесуваат на грижа и безбедност на нашите гости велосипедисти и при тоа сите натпревари поминаа во најдобар ред во организација со која можеме да се гордееме“, додаваат од Федерацијата.
ЛИТВАНЕЦ СКРШИЛ ЗГЛОБ И ВИЛИЦА НА ТРЕНИНГ Младиот олимпиец излетал на последниот свиок
Од Федерација нагласуваат дека најостро го осудуваат невниманието и дивеењето во сообраќајот за кое покренале бројни иницијативи за подобрување на безбедноста. Велосипедистите кои секојдневно тренираат на патиштата низ Македонија се соочуваат со вакви и со слични ситуации.