Повратниците од ИСИС ќе „спијат“ во македонските затвори, но што ако се разбудат на лева нога?

Не смее да се исклучи ризикот дека можеби не станува збор само за обични „војничиња“ на ИСИС, туку можеби во земјава ќе се вратат вистински „командоси“ обучувани во камповите на најголемата и најсуровата терористичка организација. Постои реална опасност ваквите лица да бидат т.н. „заспани ќелии“, односно да бидат на готовс додека не добијат наредба за нова акција, предупредуваат безбедносните експерти.

1,317

Земјава сè уште не е подготвена да спроведе ресоцијализација на терористи од ИСИС и нивна интеграција во македонското општество, предупредуваат безбедносните експерти со коишто разговараше Плусинфо, по веста за акцијата на Владата со процесот на репатријација на македонски државјани од боиштата во Сирија и во Ирак.

Во разговор со Плусинфо, безбедњаците коментираат дека не смее да се исклучи ризикот дека можеби не станува збор само за обични „војничиња“ на ИСИС, туку можеби во земјава ќе се вратат вистински „командоси“ обучувани во камповите на најголемата и најсуровата терористичка организација. Постои реална опасност, додаваат тие, ваквите лица да бидат т.н. „заспани ќелии“, односно да бидат на готовс додека не добијат наредба за нова акција.






А ние како држава сè уште не можеме да понудиме соодветен кадар за нивна ресоцијализација во затворите и надвор од затворите, предупредуваат експертите и брифираат дека во безбедносните кругови веќе гласно се зборува оти во следниот период треба да бидат вратени дури 50 борци во Македонија.

Прво судење, па рехабилитација

Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, вели дека земјава ќе треба да ги прифаќа борците на ИСИС, но како што вели, треба да се инсистира на тоа заедно со терористите да добиваме и соодветни материјални докази за нивните активности.

– Учеството во терористички организации, паравоени и параполициски сили е тешко кривично дело, па затоа тие луѓе ќе мора да поминат низ филтерот на Јавното обвинителство и веројатно ќе се води постапка против нив. Друга работа на којашто инсистираат ЕУ и голем дел невладини организации е да се овозможи процес на рехабилитација. Тие два процеса ќе се водат во нашата држава – прво судска и кривична постапка, а подоцна и рехабилитација. Постојат повеќе анализи за тоа дека многу затвореници дополнително се радикализираат за време на престојот во затвор, но ние како држава мораме да бидеме дел од тој процес и да бидеме подготвени на двете опции – објаснува Трајанов.

Тој додава дека најважната работа што треба да се направи е во затворите и надвор од нив да се спречи групирање на борците од ИСИС.

– Мора да се дејствува превентивно и потребно е да се спречи нивно групирање, бидејќи тие поединечно не можат да направат ништо. Треба да се води сметка за тоа каков третман ќе добиваат во затворите, па ако нема елементи на одговорност, тогаш да се интегрираат во општеството. Во овој процес треба да се вклучат образованието, политичките партии, верските заедници и сите оние кои можат да придонесат за нивно рехабилитирање – посочува Трајанов.

Опасноста доаѓа по времето поминато зад решетки

Пензионираниот началник во Министерството за внатрешни работи (МВР), Љубомир Ѓурчевски, вели дека враќањето на борците на ИСИС во земјава може да биде многу опасно за сите нас, оти, како што објаснува, повратниците ќе ја отслужат својата затворска казна поради учество во терористички организации, но опасноста од нив доаѓа по времето поминато зад решетки.

– Прашање е дали имаме соодветен кадар за нивна ресоцијализација. Тие постојано ќе мора да бидат под полициски надзор, односно да биде следен секој нивен чекор, со цел да се избегне евентуален терористички напад во Македонија. Тие се многу опасни луѓе и мора точно да се знае каде се движат, со кого се дружат, со кого контактираат – објаснува Ѓурчевски.

Тој посочува дека Македонија има обврска да ги прими повратниците согласно меѓународните договори, но проблемот е во тоа што изминативе години земјава нема ништо сторено за да може и да ги прифати.

– Како прво, немаме прифатни центри. И покрај тоа што донесовме програма за прифаќање на повратниците, ние не изградивме ниту еден прифатен центар каде што ќе има можност за едукација, односно за преквалификација и доквалификација за семејствата на лицата коишто се осудени – истакна Ѓурчевски.

Во изминатите неколку дена, вкупно 23 наши сограѓани, репатријанти во војните во Сирија и во Ирак, беа вратени во земјава. Четворица мажи се обвинети за учество во војни во странство и се испратени во истражниот затвор Шутка во Скопје. Тие ќе останат во самица 10 дена, а уште пет жени и 14 деца што се донесени заедно со нив од боиштата ќе останат 14 дена во задолжителен карантин поради пандемијата со коронавирусот. Според член 322-а од Кривичниот законик, за повратниците од војската на Исламската држава следува казна затвор од најмалку пет години.

Заев: Ќе ги вработиме!

Развивме комплетни програми за ресоцијализација и мислам дека сме една од првите земји во процесот на ресоцијализација на членови на семејствата и на репатрирани борци на терористичката група Исламска држава, се пофали премиерот Зоран Заев.

– Секако дека еден ден ќе завршат затворските казни и треба да имаме програми за ресоцијализација. Тие програми се состојат од начини на наоѓање работни места на самите лица, но и на членовите на нивното семејство, прецизна психолошка и социјална поддршка на самите лица и на членовите на нивните семејства, социјални програми од апсект на враќање во нормала на нивниот живот и стабилизирање на самиот човек, но и на сите членови во неговото семјество. Се надевам дека ќе имаме доволно капацитети за да спроведеме успешно да не се мотивираат луѓето да се враќаат на таквите недозволиви боишта – рече премиерот.

Тој не очекува дека ќе има поголема бројка на повртаници од Исламска држава.

– Ги знаеме кои се точно луѓето, ги имаме по список, со институциите, значи ги знаеме точно кои се, се обидуваме секогаш заедно со помош и поддршка пред сè на нашиот најголем стратешки партнер САД, но и на другите сојузници да организираме нивно враќање и повторно вклучување во системот во својата матична земја, затоа што хуманиот аспект мора да биде секојпат вграден. За сите тие бројки што ги гледаме во извештаите – некаде се 46, некаде се 50 луѓе, секако дека имаме капацитет како држава, како институции и како систем да развиваме комплетни програми за нивно пронаноѓање и враќање во државата – истакна Заев.

Македонија, Косово и Босна и Херцеговина се ретки држави во Европа кои ги враќаат борците на ИСИС. Во саботата, Косово врати 11 свои граѓани, а во 2019 година врати дури 110. Досега тие биле сместени во камп на ИСИС во Сирија на границата помеѓу Турција и Ирак. Големите европски земји одбиваат да ги примат овие лица па дури и им ги одземаат државјанствата.

Поврзани содржини