Повикај ја Виолета, заедно ќе го убиеме коронавирусот! (ВИДЕО)

10,624

Новата алатка во борбата против коронавирусот, што сега масовно се испробува во Кина, се вика – машини што произведуваат ултравиолетови зраци. Таму, на пример, цели автобуси по цела ноќ се осветлени со карактеристичната сина УВ-Ц светлина, додека роботи што емитуваат таква светлина „чистат“ подови во болниците. Банките ги дезинфицираат парите со неа. Компаниите кои вршат снабдување со УВ-опрема бележат рекордна продажба.

Може ли УВ-опремата што сега е достапна да го убива коронавирусот кај луѓето, анализира Би-Би-Си Фјучр во една статија.






Што сакаше да ни каже Трамп?

Дан Арнлод, човек кој работи во компанијата UV Light Technology, којашто обезбедува УВ-опрема за болници, фармацевтски компании и производители на храна во Велика Британија, вели дека деновиве до нив стасуваат несекојдневни барања од клиенти.

– Ни велат, зошто не можеме да ставиме една од вашите УВ-светилки на влезот во супермаркетот и луѓето да застанат под неа неколку секунди пред да влезат? – раскажува Арнолд.

Тој им одговара:

– Не, така буквално ќе ги испечете луѓето!

Интересно е дека со слична идеја за дезинфекција на кожата на луѓето, на облеката и на други објекти со УВ-светлина во четвртокот на 23 април јавно настапи и американскиот претседател Доналд Трамп. Еве го тој настап што предизвика бура од потсмешливи коментари во дел од научната јавност:

Не е јасно на кој тип УВ-светлина мисли Трамп кога зборува за можноста таа да се внесе во телото на човекот, за да го убие коронавирусот. Не е јасно ни како мисли американскиот претседател тоа да се изведе. Но, неговата идеја не предизвикува само потсмешливи коментари. Америка е тоа. Има научници кои сепак се сетија на некои не така неважни работи во врска со влинанието на УВ радијацијата врз коронавирусот.

Сончевата светлина го убива вирусот, но…

За што станува збор?

Научниците веќе открија ветувачки нов вид на УВ-светлина, со која е помалку опасно да се ракува, но исто така е убиствена за вирусите и за бактериите. Новата има пониска бранова должина од стандардната УВ-светлина и досегашните лабораториски експерименти со ќелии на човечка кожа покажуваат дека таа не ја оштетува ДНА на кожата. Се разбира, станува збор само за почетни истражувања.

Инаку, фактот дека сончевата светлина ги убива бактериите и вирусите е познат одамна. Светската здравствена организација, која сериозно ги предупредува луѓето да не употребуваат УВ-опрема на своја рака во надеж дека ќе го убијат коронавирусот, одамна ја препорачува сончевата светлината како средство за стерилизација на водата, на пример. Сончевата светлина ги стерилизира и површините, иако бавно.

Како што е познато, во протечените информации од американскиот Департмент за домашна сигурност (DHS – Department of Homeland Security), во врска со една експериментална студија, за која пишуваше и Плусинфо, буквално и одлучно се тврди дека изложен на сончева светлина и на соодветна влажност на воздухот, коронавирусот умира.

Пред настапот во кој Трамп ги изложи своите контроверзни идеи за дезинфекција, Вилијам Брајан, советник за наука и технологија во DHS, презентираше делови од студијата. Па така, на температура од 21,1 до 23,9 степени и влажност на воздухот од 20%, коронавирусот живее еден час. Изложен на силна сончева светлина (не е соопштено колку силна), вирусот умира за минута и половина. Ова е утврдено со експериментирање во лабораториите на DHS создадени после терористичкиот напад 9/11.

Во САД се продаваат УВ-гаџети како алва

И „Вашингтон пост“ се осврна на идејата што Трамп ја изложи во четвртокот. Инаку, во САД веќе наголемо се користи опрема за дезинфицирање со помош на УВ-Ц светлина. Се дезинфицира сѐ што се може, почнувајќи од респираторите во болниците, па сѐ до мобилните телефони и кредитните картички. Еве како изгледа еден таков гаџет за убивање на коронавирусот во мобилните телефони, што се продава како алва:

На инвентивноста на Американците ѝ нема крај. На социјалните мрежи може да пронајдете илјадници идеи за тоа како сами да изградите УВ-комори за дезинфицирање на сѐ и сешто. Еве една таква идеја од Твитер:

Што велат научниците, помага ли сонцето?

Нема дилема, велат научниците, дека РНА вирусите, каков што е коронавирусот, се високо сензитивни на ултравиолетова радијација, која предизвикува мутации што го спречува размноижувањето. Но, природната УВ-Б (сончева) светлина значајно се разликува од вештачката УВ-Ц светлина, во брзината на уништувањето на вирусот:

– Сончевата светлина навистина ги убива, ама бавно – вели Андреја Силвермен, професор на Универзитетот Њујорк.

„Вашинтон пост“ потсетува дека денешната фасцинираност со природната и со вештачката ултравиолетиова светлина, како средство за борба против заразите, потекнува од почетокот на 20 век, кога данскиот лекар Нилс Рајберг Финсен во 1903 година ја добил Нобеловата награда за пронаоѓањето на светлосната терапија за лекување на болната туберколоза на кожата. УВ-А светлината денес се користи за лекување на некои болести на кожата, како што се егзема, псоријаза, витилиго и еден вид на рак на кожата.

Како и да е, иноваторите, производителите, но и купувачите на разни УВ-гаџети не губат ентузијазам. Доаѓа време кога машини и роботи ќе дезинфицираат авионски кавини и други работни површини и протсории, со машини кои произведуваат ваква светлина, велат ентизаијастите.

Погледнете го ова видео:

Виолета нема да стаса ова лето

За едно вакво чудо на техниката, за еден таков робот што се раѓа во Ирска, пишува Тајмс. Роботот е наречен Виолета (Violet).

Виолета има интересна историја. Нејзина претходничка е роботот Стеви, дело на тимот на професорот по роботика Конор Мек Гин од Тринити колеџот во Даблин. Функцијата на Стеви е да ја „лечи“ осаменоста кај луѓето – таа знае да раскажува приказни, да повикува бинго бројки, да пее и да прави други вежби за групна терапија против осаменоста. Но, по избивањето на коронакризата, роботичарите се сетиле да ја развијат наследничката на Стеви, Виолета, која можеби ќе има помалку човечки особини, но затоа ќе умее да се движи во човечки средини со УВ-Ц светилка и да „чисти“ тоалети, чекалници, возила во јавниот транспорт и слично, секако со намера да го убива коронавирусот.

Ова лето Виолета веројатно нема да биде спремна за борба, па затоа некои од нас ќе купуваат УВ-гаџети како Американците, а некои сепак ќе се надеваат дека Сонцето ќе заврши работа. Ќе си легнеме на плажа и ќе ги печеме нашите маски, нашите ракавици, а секако и костумите за капење. Кожата не смееме да ја печеме непромислено, опасно е. Сево ова ако летово воопшто стасаме до плажа…

Поврзани содржини