ПОВЕЌЕ ОД 1.000 ЗАГИНАТИ ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО АВГАНИСТАН Некои села се целосно уништени, теренот ја отежнува потрагата по преживеаните
Оддалеченоста на областите погодени од земјотресот го отежнува пребарувањето и спасувањето. Се стравува дека многу луѓе се заробени под урнатините.
Бројот на загинати од земјотресот во Авганистан се искачи на над 1.000 луѓе, додека над 3.500 лица се повредени.
Според талибанската влада, некои села се целосно уништени. Оддалеченоста на областите погодени од земјотресот го отежнува пребарувањето и спасувањето. Се стравува дека многу луѓе се заробени под урнатините.
Од Џалалабад денеска продолжија спасувачките операции со хеликоптери во обид да се стигне до селата во епицентарот на земјотресот што го погоди Авганистан. Нивна задача е да ги пренесат повредените во регионалната болница во овој источен авганистански град, јави Би-Би-Си.
Според локалното население, многу луѓе сè уште се заробени под урнатините. Во планинскиот терен на Кунар, пристапот по пат до погодените области е тежок дури и во најдобри временски услови. Ќе бидат потребни денови за да се процени целосниот обем на катастрофата.
Талибанската влада апелираше за меѓународна помош. Обединетите нации ослободија итни средства, додека Велика Британија вети помош од 1 милион фунти (1,3 милиони долари), нагласувајќи дека парите нема да одат во рацете на Талибанците. Индија испрати храна и материјали за помош, вклучувајќи шатори. Кина, исто така, вети поддршка.
Земјотрес со јачина од 6 степени ја погоди источната авганистанска провинција Кунар, со епицентар на само 27 километри оддалеченост од градот Џалалабад, петти по големина град во земјата.