ПОТРЕСНИ СВЕДОШТВА ОД МАСАКРОТ ВО ГРАЦ Учителката ги смирувала децата, родителите вртеле на мобилен
Беше ужасно, не можете ни да замислите, вели мајката со треперечки глас. Нејзината ќерка ѝ се јавила на мобилен телефон и извикала во паника: „Мамо, мамо, бегам за да си го спасам животот!“
Наставничка во училиштето БОРГ во Грац во кое 22-годишник изврши масакр се забарикадирала во училница и ги смирувала децата додека да дојде полицијата, гласи едно од сведоштвата кои ги објави „5 минути Грац“. Пукањето во кое беа убиени 10 лица и 20-тина беа повредени ја зави Австрија во црно.
– Таа ми кажа дека слушнале повеќекратни рафали. Не знаеле дали некој ќе влезе во училницата. Децата плачеле, а таа ги смирувала. Преживеале само благодарение на брзата реакција – изјавил сопругот на наставничката за австриски Кроне.
Некои од децата не се јавувале на мобилните телефони на кои ги барале родителите.
„Во салата ASKÖ во населбата Егенберг беше формиран кризен центар, каде што беа донесени родители и преживеани ученици. Сцените беа тажни, родители во солзи, многумина во очај затоа што не можеа да стапат во контакт со своите деца. Тимовите за психолошка поддршка пружија поддршка на лице место, додека амбулантните возила доаѓаа и си одеа“, пишуваат австриските медиуми.
Една мајка ги опиша стравот и паниката што ги доживеала додека се обидувала да открие што се случува со нејзината ќерка за време на масакрот во училиштето.
– Беше ужасно, не можете ни да замислите – вели мајката со треперечки глас. Нејзината ќерка ѝ се јавила на мобилен телефон и извикала во паника: „Мамо, мамо, бегам за да си го спасам животот!“
Мајката признава дека не може да ги опише емоциите што ги почувствувала во тој момент.
– Бев шокирана. Веднаш се качив во автомобилот и возев до таму.
За среќа, ќерката била физички неповредена и сега е дома, но мајката сè уште стоела пред училиштето, бидејќи нејзината внука сè уште била внатре.
На родителите им е дозволено лично да ги земат своите деца, но за другите членови на семејството важат построги правила, што дополнително ја зголемило тензијата.
18-годишната ученичка во солзи рекла:
– Се чини дека сестра ми е однесена во болница и не можам да ја добијам. Еден ученик во нејзиниот клас ми кажа дека неколку ученици во таа училница биле погодени. Тој ја видел сестра ми како ја ставаат во амбулантното возило. Не знаеме дали е стабилна. Не знаеме каде е. Се чувствувам ужасно. Ова е катастрофа, едноставно ужасно.
Хасан Дарсел, сопственик на ресторанот „Каламар“, кој се наоѓа веднаш до училиштето, го видел почетокот на трагедијата од прва рака:
– Во 10 часот наутро пристигна полицијата и ја блокираше улицата пред мојот ресторан. Ја затворив вратата, бев внатре со мојот готвач. Ова е катастрофа, едноставно ужасно. Станува збор за децата. Имам три деца и секој пат кога ги праќам на училиште, се чувствувам исплашено.
Марк Нолден (22), ученик кој живее спроти училиштето, сè уште не може да се свести:
– Живеам преку улица, ги познавам децата што одат во тоа училиште. Ова е голем шок. Ситуацијата е како од филм, неизвесноста беше неподнослива.
Напаѓачот, 22-годишен поранешен ученик, според достапните информации, верувал дека е жртва на малтретирање од врсници. Откако отворил оган во две училници, се повлекол во тоалет каде, според полициски извори, извршил самоубиство.
Полицијата ги замоли граѓаните да не објавуваат слики и видеа од местото на злосторството за да не се попречи истрагата и дополнително да не се трауматизираат семејствата на жртвите.