„ПОТРЧКО НАМЕСТО ЛИДЕР НА СДСМ“ Филипче не се срами од рекетирањата на Заев, вели Лефков
Не сметам дека треба да расчистуваме со нашите претходници. Јас имам одлична комуникација и со Зоран Заев и со останатите поранешни претседатели, со Димитар Ковачевски, со Радмила Шекеринска, со Владо Бучковски и со нив се консултирам, рече Филипче.
Ставот на Филипче дека никогаш нема да се откаже од Заев, покажува дека тој е само негов потрчко на чело на СДСМ, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
– Филипче со поддршката и лојалноста кон Заев, покажува дека не се откажува од предавствата, аферите и од криминалот. Филипче со неоткажувањето од Заев, не се откажа од предавствата кои тој ги направи со Бугарија, ниту од неговите ставови за Делчев, Илинденското востание и за Македонија. Со неоткажувањето од Заев, Филипче не се откажа и од криминалите кои тој ги правел, од тендерите во РЕК Битола, ЕСМ. Филипче не се откажа од издавањето на над 200 пасоши на белосветски криминалци. Филипче не се откажува од Заев, а со тоа не се откажува и од рекетот и криминалот врз фирмите кои ги избираа и кои се негово секојдневие. Филипче не се откажува од Заев, затоа што и тој сака да биде како Заев. Со Филипче нема ништо ново во СДСМ, повторно Заев е главен – вели Лефков.
На прашањето да ја коментира релацијата со претходниот лидер Зоран Заев, Филипче во интервју за емисијата 360 степени рече:
– Не сметам дека треба да расчистуваме со нашите претходници. Јас имам одлична комуникација и со Зоран Заев и со останатите поранешни претседатели, со Димитар Ковачевски, со Радмила Шекеринска, со Владо Бучковски и со нив се консултирам. Меѓутоа јас сум тој што ги бара и што бара нивни совети. Ниту еден од споменатите не се луѓе што мене ми се јавиле и сакале со нешто да влијаат на креирање на некаква политика или да влијаат на некое кадровско решение. Ниту еден од нив, апсолутно. Јас како претседател на партија сега преземам одговорност за функционирањето на партијата и нема да дозволам некој да влијае на тие процеси. Меѓутоа, тие луѓе се тука секогаш да помогнат поради тоа што во еден одреден временски период секој еден од нив се вложил себеси за да оваа партија биде тоа што е сега.
– Зоран Заев рече дека ќе се повлече од политиката и тој се повлече од политика. Се врати на неговите семејни работи и сега тој воопшто нема намера, ниту тенденција да се враќа или да сугерира нешто во СДСМ – додаде Филипче.