ПОТПИСОТ НА ТРАМП НЕМА НИКАКВА ВРЕДНОСТ ЗА ИРАН Техеран го прогласи договорот за неважечки, Хамнеи со остра порака

Техеран тврди дека американските напади го поништиле договорот за прекин на огнот и дека Вашингтон повеќе нема кредибилитет.

604

Иранскиот врховен лидер Моџтаба Хаменеи објави писмена изјава во која тврди дека САД постојано ги прекршувале обврските од меморандумот за разбирање што двете земји го потпишаа во средината на јуни.

Врховниот лидер посочува дека потписот на американскиот претседател Доналд Трамп на овој договор е „лишен од вредност и неважечки“. Според Хаменеи, американските напади врз Иран се директна потврда за тоа.






Во соопштението, Моџтаба Хаменеи додава дека иранскиот народ и „фронтот на отпорот“ ќе им одржат лекција на САД што нема да ја заборават.

„Сега, кога американскиот непријател се стреми да предизвика војна, мора да знае дека скапоцениот ирански народ и фронтот на отпорот можат да му одржат лекција што нема да ја заборави“, порачува врховниот лидер во писмената изјава.

Тој нагласува дека „повтореното прекршување“ на договорот, кој беше потпишан меѓу двете страни на 17 јуни со цел воспоставување прекин на огнот, „уште еднаш на сите им покажа дека потписот на американскиот претседател нема никаква вредност“.

Изјавата на врховниот лидер ја прочита портпарол на иранската државна телевизија.

Претходно денеска и иранската Влада соопшти дека рамковниот договор меѓу САД и Иран е неважечки поради американските прекршувања на неговите одредби. Ваквите реакции доаѓаат во време кога Вашингтон и Техеран меѓусебно разменуваат воени удари, откако прекинот на огнот меѓу нив целосно пропадна минатата недела.

Најмалку 50 загинати во новите американски напади врз Иран

Најмалку 50 лица загинале, а повеќе од 500 се повредени во последните американски напади врз Иран, соопшти иранското Министерство за здравство, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Портпаролот на Министерството за здравство и медицинско образование, Хосеин Керманпур, објави на платформата Икс дека 460 од повредените веќе се пуштени на домашно лекување, додека 37 лица и понатаму се хоспитализирани.

Според ДПА, иранските власти традиционално објавуваат информации само за цивилните жртви, додека нема официјални податоци за евентуалните загуби во редовите на вооружените сили.

Американските напади главно биле насочени кон јужните крајбрежни провинции на Иран.

Во нафтената провинција Хузестан, локалните власти регистрирале напади врз 95 објекти во изминатите десет дена, пренесуваат локалните медиуми.

Поврзани содржини