ПОСВЕТЕНИ СМЕ НА ИЗНАОЃАЊЕ ТРАЈНО РЕШЕНИЕ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ Прашањето е високо на агендата на Брисел
Со ЕК водиме интензивни разговори и решение ќе има, но треба да се внимава, прашањето не е политичко и не треба да се потпаѓа на шпекулации и тука би сакал да замолам да бидеме многу внимателни за она што доаѓа како информација од соседството – рече вицепремиерот Николоски.
Проблемот со македонските превозници поврзан со воведувањето на новиот ЕЕС систем е високо на агендата во Брисел и се очекува решение во најскоро време, рече заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „Топ Тема” на ТВ Телма.
Тој нагласи дека Владата води интензивна дипломатска активност и директно лобирање во европските институции, со цел да се заштитат домашните транспортни компании.
Вицепремиерот посочи дека е започнат официјален дијалог со Европска Комисија, во рамки на новата визна стратегија претставена од претседателката на Европската Комисија, при што македонските превозници за првпат се третираат како професионална категорија.
– Контурите се јасни, а тоа е дека со новата визна стратегија, превозниците се признати за прв пат како професионалци, што досега не беа во таа категорија. Сега има неколку опции што се разгледуваат како можни решенија, а тоа е секоја земја членка на Шенген зоната да издава посебни визи, при што деновите би се броеле само во таа земја, понатаму целосно изземање на возачите по примерот на пилотите и машиновозачите и третата опција со третман како прекугранични работници. Помеѓу овие три модалитети сега се изнаоѓаат решенија. Имаше три состаноци до сега, еден беше на политичко ниво, два беа на техничко ниво и очекувам дека ќе се најде решението. Тоа што е знак на добра волја за Македонија, е дека примената на ЕЕС системот ќе се одложи до крајот на септември месец – рече вицепремиерот Николоски.
На прашањето дали до септември ќе се реши проблемот, вицепремиерот смета дека има доволно време.
– Јас мислам дека за Македонија ќе се реши и тука би сакал да замолам да бидеме многу внимателни за она што доаѓа како информација од соседството. Ова е прашање кое не треба да се политизира, ова е прашање кое се однесува на бизнисот, а не на политиката и треба да ја држиме политиката надвор од ова – изјави вицепремиерот.
Тој посочи дека уште минатата година прашањето било разгледувано на седници на Влада, а Министерството за надворешни работи било овластено да комуницира со европските партнери.
– Верувајте додека не се случи блокадата не беа свесни во ЕУ за кои размери зборуваме – изјави Николоски, потсетувајќи на неговата интензивна меѓународна агенда во однос на ова прашање и потенцирајќи дела Владата останува посветена на изнаоѓање одржливо решение што ќе овозможи непречено функционирање на македонските превозници.