ПОСТРОГИ КАЗНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНАТА ДОЛЖНОСТ И ЗА ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ Измените на Кривичниот законик стигнаа во Собранието
Повторно се воведува посебен став за јавни набавки, но со казна од 1 до 8 години затвор, а доколку станува збор за имотна корист од големи размери казната е од 4 до 10 години затвор.
По измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, кои предизвикаа многу реакции затоа што се намалија казните за функционери што ја злоупотребуваат својата положба, а со тоа застареа повеќе предмети за висока корупција и организиран криминал што ги водеше сега згаснатото Специјално јавно обвинителство, пред пратениците сега се нови измени на КЗ, со кои се воведуваат и построги затворски казни за злоупотребите, особено при јавните набавки.
Со измените од 2023 година беше значително ублажена казнената политика за дел од најтешките кривични дела што ги вршат овластени лица – злоупотреба на службена положба, несовесно работење и злосторничко здружување. Тие интервенции ја ослабеа превентивната улога на казненото право и директно влијаеја врз активни судски постапки.
Предлог-измените на КЗ воСОбранието ги поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од оценката и анализата на постојната состојба, евидентни се последиците кои настанаа со
донесените измени, и тоа првенствено неоправданото и нецелисходно ублажување на казнената
политика во дел од инкриминациите, како и бришење на одредбите од член 353 каде се уредени
кривичните дела со злоупотреба на службена положба и овластување против јавните набавки. Со тоа, во поглед на овие кривични дела казнената политика го изгуби својот есенцијален превентивен и репресивен карактер. Сепак, најсериозните импликации во делот на репресијата, измените ги предизвикаа во конкретни судски предмети, вклучително и предмети од областа на организираниот криминал и корупција во постапките против јавни набавки, каде настапи застареност на кривичното гонење“, се вели во појаснувањето на причините поради кои се предлагаат законските измени.
Најконтроверзните измени се однесуваа на членот 353, за Злоупотреба на службената положба и овластување. Со измените од 2023 година беше избришано едно од трите основни дејствија на извршување – „искористување на службената положба или овластување“, а беше воведен и дополнителен услов: делото да биде сторено со намера.
Дополнително, беа намалени и затворските казни и тоа: за квалификувани облици со поголема имотна корист, казната од 6 месеци до 5 години беше намалена на 1 до 4 години; за значителна имотна корист, казната од минимум 3 години беше сведена на 1 до 5 години; целосно беше избришан посебниот став што се однесуваше на злоупотреби при јавни набавки, каде претходно беше предвидена казна од најмалку 5 години затвор. Со тоа, токму делата поврзани со јавните набавки, срцето на високата корупција, практично беа декриминализирани во својата најтешка форма.
Со новиот предлог се враќаат старите механизми и се предвидуваат повисоки казни. Членот 353 повторно се проширува и се заострува казнената политика: за основниот облик на злоупотреба на службената положба се предвидува затвор од 6 месеци до 3 години; за поголема имотна корист – 1 до 5 години; за значителна имотна корист – 1 до 8 години. Повторно се воведува посебен став за јавни набавки, но со казна од 1 до 8 години затвор, а доколку станува збор за имотна корист од големи размери казната е од 4 до 10 години затвор.
Измените од 2023 година влијаеја и на кривичното дело Несовесно работење во службата, каде беше избришан елементот на користољубие, што дополнително ја олесни одбраната во ваквите предмети. Сега се предлага повторно прецизирање и воведување на скалеста казнена политика, со казни до 5 години затвор за потешките облици.
Намалувањето на затворските казни имаше директни последици врз надлежноста на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое со намалените казни ја изгуби надлежноста да ги гони овие кривични дела.
Кај делото Злосторничко здружување, пак, во 2023 година максималната казна беше драстично намалена – од до 10 години на до 3 години затвор.
Со новите измени се предлага: за организаторите на злосторничкото здружување – 1 до 8 години затвор; за припадниците од 6 месеци до 5 години; а за потешки облици се предвидени казни од најмалку 4 години за организаторите.
Во Извештајот за напредокот на Македонија за 2023 година, Европската комисија експлицитно предупреди дека измените на Кривичниот законик предизвикуваат „сериозна загриженост“, бидејќи доведуваат до застарување, запирање и одложување на предмети за висока корупција и го ограничуваат опсегот на истрагите.
Токму тие забелешки сега пратениците ги наведуваат како една од клучните причини за итно носење на новите измени.
Во образложението на предлог-измените на КЗ се вели дека основна цел е да се анулираат штетните последици од измените од 2023 година и државата повторно да се врати на европските стандарди во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Се наведува и дека со измените ќе се усогласат и со одлуката на Уставниот суд, кој побара Собранието да ги анулира штетните последици од законските измени од 2023 година.