ПОСТОЈАНО ЌЕ СЕ ОБНОВУВА ВОЗНИОТ ПАРК НА ЈСП Развојот на Скопје ќе се планира и ќе се одвива на долг рок, вели Ѓорѓиевски
Во топ 5 приоритети на граѓаните е токму ЈСП Скопје и нефункционалноста на истото. Она што треба ние да го промениме е на долг рок да се планираат сите процеси во градот. Да не се доведува претпријатие во колапс, вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје.
Имам доверба во институциите дека успешно ќе се справат со пожарите во Македонија, вели Орце Ѓорѓиевски, актуелен градоначалник на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје на ВМРО-ДПМНЕ.
– Противпожарната бригада многу одговорно и совесно ја врши својата работа на територијата на Скопје. Одговараат навремено и благодарение на нив спречени се многу непријатни ситуации изминатиов период. Треба модернизација и на опремата која што ја поседуваат пожарникарите. Треба законски регулативи да се донесат и да се променат. Верувам во институциите и верувам дека правдата ќе излезе на виделина – рече Ѓорѓиевски во гостување на Алфа.
Според него, програмата за Град Скопје за претстојните локални избори треба да произлегува од потребите и проблемите на граѓаните, со цел да се задоволат елементарните услови за функционирање.
– Почнавме една фаза, имам средби со граѓаните и прибираме идеи за креирањето на програмата. Според мене, единствен правилен начин да креирате програма, е кога ќе ги слушнете граѓаните и кога изворно од нив ќе потекнуваат идеите и предлозите – рече Ѓорѓиевски.
Тој рече дека процесите во јавните градски претпријатие како ЈСП, „Комунална хигиена“, треба да се планираат долгорочно.
– Во топ 5 приоритети на граѓаните е токму ЈСП Скопје и нефункционалноста на истото. Она што треба ние да го промениме е на долг рок да се планираат сите процеси во градот. Да не се доведува претпријатие во колапс. Истото важи и за „Комунална хигиена“. Ќе има развојна стратегија, според која што ќе има постојано обновување на возниот парк – истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека програмата за Град Скопје ќе биде изработена прецизно и темелно, со рокови.