Последниот пакет мерки повеќе збунува отколку што помага

Експерти оценуваат дека овој пакет на мерки е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите и стимулираат економско закрепнување.

662

Бизнисмените чекаат да видат што ќе треба да исполнат за да ја добијат поддршката што е предвидена со последниот пакет економски мерки на владата. Дел од нив веќе размислуваат која варијанта е подобра за нив, но дел изразија незадоволство, бидејќи како што велат, владата покажала непознавање за нивната работа. Експерти, пак, велат дека државата покрај мерките треба да се справи со пандемијата и да ја подобри реализацијата на мерките за да може да функционира и економијата. Некои од нив, пак, сметаат дека овој пакет е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите и стимулираат економско закрепнување.

Од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) велат дека од понудата плата или бескаматен кредит ќе ја изберат платата.






– Доколку одбереме бескаматен кредит тоа за нас ќе значи да се ослободиме од дел вработени, што засега иако немаме работа не би сакале да го направиме. Затоа е подобра опцијата плата, бидејќи барем од овој трошок хотелиерите ќе бидат ослободени. Знаете платите учествуваат со 40 отсто од трошоците во секторот, а со она што досега го добивме државата покри само 20 отсто од нашите трошоци. Сепак, секоја компанија самата си одлучува која варијанта или која мерка ќе ја користи – вели  Крсто Блажевски, претседател на ХОТАМ.

Туристичките агенции се задоволни од мерките што ги понуди владата, но велат треба да се пресметаат која од нив ќе им одговара повеќе.

– Добредојдена е помошта, но како ќе се определиме за која ќе користиме треба да ги видиме прво критериумите и да се пресметаме. Добра е мерката плата, но и бескаматните кредити на некои агенции ќе им го олеснат опстанокот посебно во однос на инвестициите. Сепак, како што реков, треба да се види што се нуди за да се направи добра пресметка што повеќе ќе користи – вели Андреј Сирачевски од туристичката агенција „Аурора“.

Фирмите кои вршат слободен превоз на домашни и странски туристи се задоволни што конечно владата се сети и на нив.

– Мерката која ја понуди владата за фирмите кои вршат слободен превоз се направени во согласност со нашите очекувања. Нашето здружение учествуваше во подготовката на мерките и ова е дел од нашите предлози. Сепак, сме задоволни што зависно од билансната состојба членките ќе добијат од 3.000 до 10.000 евра – вели Дончо Нацески од „Арбо травел“.

ИВЕНТ индустријата преку соопштение информира дека е разочарана и револтирана од објавените мерки од петтиот пакет.

– Мерката 11 е наменета за нашиот сектор. Со неа се предвидени средства за организација на настани и за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес. Оваа мерка не претставува помош туку реализација на програма и активности на Владата за 2021 година. Најмалку што очекувавме е да ни помогнат да го рестартираме истоштениот сектор, да ни овозможат да се вратиме на пазарот и да продолжиме да работиме а со тоа и да придонесуваме во буџетот како и пред пандемијата, но не го добивме тоа. Владата покажа целосно непознавање на нашата индустрија и измеша компании за настани, маркетинг агенции, продукции, едукатори, културни работници. За жал, Владата се однесува по принципот на мајка-маќеа и ни покажува дека воопшто не ја засега иднината на нашите компании – велат од ИВЕНТ индустријата.

Дел од бизнисмените чии фирми очекуваат да почнат инвестициски циклус се задоволни што ќе бидат помогнати од владата.

Експертите, пак, имаат различно гледање на мерките.

Професорот Трајко Славески, вели дека колку и да се на број или колку и да се ефикасни, за што има резерва, мерките од последниот пакет мерки нема да придонесат многу ако не се сузбие пандемијата.

– Сметам дека во моментов е потребна уште една мерка, триесетта на број но прва по важност, а тоа е сузбивање на пандемијата ковид-19 во што е можен покус рок. Во таа насока Владата требаше да се обврзе дека до крајот на јули оваа година ќе обезбеди вакцини за најмалку милион граѓани, односно најмалку два милиони дози. Без ова, попусто се трошат скапо позајмени пари од надвор, што ќе се враќаат со уште повисоки каматни стапки во иднина – вели Славески.

Тој смета дека колку повеќе мерки има толку нивната реализација е послаба што го покажува искуството со претходните мерки.

– Да потсетиме дека претходните четири пакети мерки требаше да тежат 1,2 милијарди евра, или 11% од БДП, но сепак реализацијата потфрли до тој степен што истите достигнуваат скромни 3,5% од БДП. Со еден збор, нема причина да не веруваме дека и овој пат со обемот на средства за поддршка на економијата, планирани и реализирани, ќе се најдеме на дното во Европа – вели Славески.

Експертите, пак, од Институтот за економски истражувања и политики Finance Think оценуваат дека  овој пакет мерки е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите (мерки со социјален карактер) и го стимулираат економско закрепнување (мерки со развоен карактер).

Позитивно мислење овие експерти имаат за поддршката на извозните компании, како и за субвенционирањето на платите и бескаматните кредити насочени кон најпогодените.

– Рано е да се укине мерката за субвенционирање на плати поради нејзината значајност во спасувањето на работните места, додека бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која сѐ уште не се наоѓаат значаен дел од компаниите во туризмот и угостителството и дел од компаниите во некои гранки од преработувачката индустрија (кои тргуваат со земји кои сѐ уште се во значаен локдаун) – велат од Институтот.

Сепак, експертите од овој Институт имаат задршка во однос на мерките за простување на каматите на кредитите, но и за поддршката за земјоделците.

– Наместо тоа, кон фактот дека земјоделскиот сектор беше еден од најпогодените од кризата треба да се пријде со прилагодување на тековните мерки, за тие да ги опфатат и земјоделците, особено мерката „14.500 МКД по работник“, како и кредитните гаранции, фондот за извозници и евентуално воспоставување еднократни грантови за мали земјоделски стопанства – велат од Finance Think.

Владата вчера го презентираше петтиот економски пакет од  29 мерки вреден 160 милиони евра.

Поврзани содржини