ПОСЛЕДЕН ФИЛТЕР ЗА ПРЕДЛОГ БУЏЕТОТ ЗА СЛЕДНАТА ГОДИНА Собранието треба да го донесе до крајот на месецов

Проекциите во Предлог-буџетот се направени со очекуван реален раст на БДП од 3,8%, инфлација од околу 2,5% во услови на стабилни цени на меѓународните пазари, раст на приватната потрошувачка на 2,6% и на јавната потрошувачка од 1,4%.

119

Предлог-буџетот за 2026 година, дополнет со усвоените амандмани, денеска е на расправа на пленарна седница на Собранието. Во текот на амандманската расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет, беа прифатени 20-тина амандмани од вкупно поднесените околу 200 амандмани.

Проекциите во Предлог-буџетот се направени со очекуван реален раст на БДП од 3,8%, инфлација од околу 2,5% во услови на стабилни цени на меѓународните пазари, раст на приватната потрошувачка на 2,6% и на јавната потрошувачка од 1,4%.






Вкупните приходи се планирани на ниво од 374,9 милијарди денари (6 милијарди евра), а расходите на ниво од 414,2 милијарди денари (6,73 милијарди евра). Расходите за исплата на плати изнесуваат 52,6 милијарди денари ( 855 милиони евра), што е за околу три милијарди денари повеќе од 2025 година, а расходите за стоки и услуги се планирани на 27,9 милијарди денари (454 милиони евра) . За исплата на пензии обезбедени се 116,8 милијарди денари (1,9 милијарди евра), а 12 милијарди денари (195 милиони евра) за исплата на надоместоци за социјална заштита.

Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 39,2 милијарди денари (637,4 милиони евра) или на ниво од 3,5% од планираниот БДП. Капиталните расходи е планирано да изнесуваат 654 милиони евра.

Според предложениот буџет, државата планира да собере  речиси 3,5 милијарди евра од даноци, што во споредба со буџетот од тековната година е зголемување од 6%. Се очекуваат повеќе пари и од данокот на личен доход за 8,7%. Најголем пораст треба да има кај приходите од данокот на добивка од над 14%. Од наплатата на данок на додадена вредност во државната каса ќе се инкасираат 1,5 милијарди евра. Акцизите пак се планира да опфатат 582 милиони евра или 1,3% повеќе.

Планот е државата вкупно да се задолжи за 1,9 милијарди евра, од кои 1,38 милијарди од надвор, а 579 од домашни извори. Најголем дел од овие пари ќе се употребат за раздолжување за кое ќе се потрошат 1,26 милијарди евра.

– Овој буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за раст, инвестиции и сигурност за граѓаните, компаниите и институциите – изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на 14 ноември пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со предложениот буџетот, како што посочи министерката, се продолжува стратегијата за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства со цел одржлив економски развој и подобрување на животниот стандард.

– Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски дури и во време на глобални предизвици. Со овој документ, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции, истакна Димитриеска-Кочоска.

Пратениците ќе расправаат 5 денови по што ќе се гласа за предложениот буџет за 2026 година.

Поврзани содржини