ПОСЛЕ 11 ГОДИНИ СЕ ОТВОРА ПАТ ЗА УНИВЕРЗАЛНА Љутков најави старт на реконструкцијата

По завршување на постапката за избор на изведувач, почнува реконструкцијата на култниот објект, кој треба да биде готов до декември 2027 година.

237

По повеќе од една деценија чекање, започнува реконструкцијата на Универзална сала, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Објектот беше затворен 11 години, односно од 2015 година, поради административни пречки и одложувања.

Љутков информира дека постапката за избор на изведувач е успешно завршена, откако надлежната комисија ја одбила жалбата и го потврдила изборот на најповолна понуда.






– По долги години чекање и административни пречки, денес со гордост објавувам: започнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала – еден од најзначајните културни симболи на Скопје и на Македонија – истакна министерот Љутков.

Според него, со ова се отстранува и последната правна пречка за почеток на градежните работи. Проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата е планирано да заврши до декември 2027 година.

– Со новиот лик на Универзална, Скопје ќе добие модерна, функционална и репрезентативна културна институција, која ќе биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и големи културни настани – нагласи Љутков.

Министерот додаде дека проектот е дел од подготовките на Скопје за апликацијата за титулата Европска престолнина на културата 2028.

– Ова е инвестиција во иднината на македонската култура, инвестиција во нашите уметници, во нашата публика и во идните генерации – посочи министерот, додавајќи дека ќе продолжи со транспарентна реализација на капиталните проекти во културата.

Поврзани содржини