ПОСКАП ГАС, НО ЌЕ ИМАМЕ ВТОРА ОПЦИЈА Што се добива со вложувањето во гасниот терминал во Александрополис?

Моментално, повеќе од 90 отсто од природниот гас што се набавува во земјава е од Русија и доаѓа преку гасниот приклучок во Деве Баир кај Крива Паланка.

1,077

За 10 до 20 отсто ќе биде поскап гасот кој во земјава ќе доаѓа преку гасниот терминал кој денеска почнува да се гради во грчкиот град Александрополис во кој земјава учествува со 10 отсто од вложувањето, велат експертите, но придобивката од тоа е што земјава ќе има резервна варијанта за увоз на гас.

Моментално, повеќе од 90 отсто од природниот гас што се набавува во земјава е од Русија и доаѓа преку гасниот приклучок во Деве Баир кај Крива Паланка.






– Снабдувањето со природен гас ќе се подобри сигурно со овој проект, бидејќи ќе имаме уште една алтернатива, односно втора опција за снабдување кога ќе биде проблем увозот на гас од Русија. Гасот како и нафтата имаат берзански цени, а овој гас кој ќе доаѓа од изворите како течен – компримиран ќе биде поскап за 10 до 20 отсто поради транспортот и технологијата која ќе се употребува за негово декомпримирање и пуштање во гасоводот. Меѓутоа, во секој случај е добро да се има уште една опција за снабдување со овој енергенс – вели професорот Антон Чаушевски.

Според професорот Константин Димитров, загрижувачки е тоа што јавноста нема доволно информации околу учеството на земјава во овој проект и какви економски резултати се очекуваат од него.

– Терминалот на течен гас е без техноекономски анализа што ќе добиеме и колку профит можеме да очекуваме од вложеното. Тоа што се гради и Македонија ќе учествува како акционер наизглед е добро, ама ние немаме никаква информација колкаво е вистинското учество, а се споменува само сума на пари. Нема бизнис-план во Собранието, колкави права и цена ќе имаме. При тоа ние не одлучуваме бидејќи доминантното сопствеништво е на Бугарија и на Грција. Нема програма, нема проект, вложуваме за некаква очекувана дивиденда кога е апсолутна сиромаштија и сѐ поскапува – изјави деновиве Димитров за ТВ24.

И тој се согласува дека американскиот ЛНГ ќе биде многу поскап за македонски услови во однос на рускиот природен гас.

Земјава, според информациите од владата, има учество од 10 отсто во гасниот терминал, што значи вложување од околу 370 милиони евра. Според најавеното, терминалот во Александрополис треба да обезбеди складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.

Изградбата на проектот во Грција ќе трае најмалку две години, а до тогаш земјава ќе треба да го заврши и интерконекторот за гас што ќе нè поврзува со грчкиот гасовод. Неговата изградба сè уште е во процес на финансиска подготовка. Институциите очекуваат интерконекторот да почне да се реализира годинава и да биде завршен до 2024 или до почетокот на 2025 година. Треба да ја поврзе земјава со гасоводот ТАП, и до ЛНГ – терминалите во Александрополис преку грчката преносна мрежа ДЕСФА. Гасоводот предвидено е да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални система за пренос на природен гас.

Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород.

Проектот се проценува дека ќе чини околу 110 милиони евра.

– Постапките е планирано да се отворат до средина на годинава, а самата градба треба да почне при крајот на оваа година. Ние веќе сме во процес на затворање на финансиската конструкција, и добивање на потребните одобренија за градба. Договорот за грант од WAIF, вредност од 10 милиони евра за градба, и договорот за заем со ЕИБ, веќе се потпишани и во тек се преговорите со ЕБОР, коишто се надевам дека до третиот квартал на оваа година ќе се финализираат со договор, но тоа нема да биде пречка за отворање на законските постапки за надзор и за градба – изјави за Плусинфо директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.

Поврзани содржини