Порнографија од држава

Ова „општество“ на чело со оваа власт успеа да ја вулгаризира и културата до растегливите граници на порнографијата и кичот и шундот како нејзини побратими, оддалечувајќи ја македонската култура и уметност за нови педесетина години од европските текови.

1,217

Во овој идеолошки (повторно) биполаризиран, повеќеконфесионален, мултиетнички и политички конфликтно поделен свет, (ко)егзистенцијата на мноштвото суштински различни типови на држави – авторитарни и/или демократски, унитарни и федерални/конфедерални, атеистички, секуларни и/или теократски, богати и сиромашни до мизерија итн. – веројатно е „логичен“ производ на контроверзниот развој на постиндустриското односно технолошкото општество. Потенцијалната монополизација на цивилизациските текови од страна на „поголемите“ односно „поразвиените“ држави за многумина е дури неопходна, иако можеби неморална и неправедна. Но (и) за тоа има длабоки историски корени.

Каде е нашето место во овој свет – идеолошки, системски, безбедносно…, придонесуваме ли во некаков контекст/дискурс или „летаме во место“, прогресираме ли или континуирано регресираме, какво општество градиме или и постојното го разградуваме…? Навистина ли мислиме дека главното алиби дека сме „мала“ односно „малубројна“ (и не многу умна!) земја може вечно да ги покрива неукоста, неспособноста, криминалноста и коруптивноста на државата? Ако едно општество го сочинуваат „луѓе кои живеат во дефинирана заедница и делат една култура“ (Strayer, 2015), ние веќе не се вклопуваме ни во таа најопшта дефиниција. Кај нас одамна ништо не е дефинирано, а за култура престанавме не говориме.






Ако пак социологијата го смета општеството за камен темелник на сѐ, а нашето општество одамна е во терминална фаза, што тогаш? Кои ни се, какви ни се перспективите? Односно ако власта со своите „политики“ секојдневно и во континуитет го разградува општеството и не покажува никаков интерес за регенерација на неговото кревко ткиво, тогаш и државата почнува да наликува на својата спротивност а не на – држава. Кој, и кога го поставил прашањето како ваквото општество ги детерминира нашите животи, во каква средина растат децата и младите, кој, што и како влијае не само на нивниот развој туку и на животот на повозрасните членови?

Кога општеството комплетно згаснува и ги губи основните вредносни параметри, кога политичката власт перманентно ја турка државата кон глорификација на најмрачните страни на општеството (неморал, неодговорност, криминал, корупција, необразованост и некултура…) тогаш државата се претвора во своја карикатура односно во држава вулгарна до степен на порнографија. Секој кој ќе каже дека ние не сме единствена таква држава во светот, би морал да (си) одговори на неколку прашања, а меѓу нив: дали тоа е некаква утеха за нас и полесно ли би ни било ако и друг еднакво страда?

Да, зборот порнографија во контекстот на состојбите во едно општество/држава звучи пресилно, но нема подобра споредба кога тој поим ќе се согледа метафорично и ќе се простре врз целото општествено милје во Македонија во последниве петнаесетина години. Зашто, повторно, ако порнографијата ги прекршува општествените стандарди во секоја смисла, што тогаш беше и како треба да се квалификува вулгарноста на државното прислушување на дваесетина илјади лица? Криминал? Се разбира, но во поширок општествен контекст тоа е чиста државна пронографија! Како што се, впрочем, и малверзациите со „проектот на векот“ викан коридори 8 и 10, па политикантската вулгарност на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија (вклучувајќи ги и фамозните протоколи), или македонското судство и крајно непристојното однесување на оној Судски совет итн. Или покачувањето на функционерските плати за цели 78% проценти наспроти општата сиромаштија во државата? Порнографија пар екселанс!

Тие вулгарни, развратни пронографски „политики“ понатаму поставуваат нови општествени и политички „стандарди“, стануваат пример што се следи и што е „оправдан“, дури, во дадени услови, „полезен“ за општеството, на нив (ќе) се повикуваат идните политичари, или политиканти, сеедно, и експоненцијално ќе ги прошируваат тие „стандарди“ до невидени размери. Впрочем, бесрамноста на она „Скопје 2014“ како врвен кич односно апсолутна државна порнографија во меморијалната област е еден од можните примери што и денес упорно се одржува, дури се воспева и се подметнува како дострел во споменичкото одбележување, во архитектурата, во просторното планирање итн. Толерирањето на такви содржини во јавниот дискурс е типична политичка порнографија!

Ова „општество“ на чело со оваа власт успеа да ја вулгаризира и културата до растегливите граници на порнографијата и кичот и шундот како нејзини побратими, оддалечувајќи ја македонската култура и уметност за нови педесетина години од европските текови. Впрочем, достапен за читање е Извештајот за ревизијата во Агенцијата за филм како „филмска“ порнографија на дело, или сите „резултати“ од годишните конкурси за национални проекти последниве години или, едноставно, да прошета до Охрид – град на УНЕСКО, до Споменикот на стреланите младинци во Ваташа итн. Тоа се порнографски бисери на македонската култура денес!

За разлика од онаа друга порнографија, политичката/општествената порнографија не е субјективна односно препуштена на личен однос кон истата. Политичката односно општесвената порнографија е препознатлива со „голо око“ од граѓанинот односно општеството, но не и за нејзините носители/промотори. Сите спомнати, и уште стотици неспомнати примери биле/се јавно критикувани заради својата политичка вулгарност, коментирани со индигнација и осудувани, некои дури и од т.н. меѓународна заедница во нивните извештаи, но – без резултат. Тоа ќе рече дека политичката порнографија на власта е препознаена и оценета, но не и елиминарана. Напротив, нејзините димензии се безмалу неограничени во вака поставен систем односно општество. Таа дополнително се алиментира и од редица одлично платени поединци („аналитичари“, „експерти“ итн.), групи (здруженија на граѓани) и „медиуми“, чиј придонес во ширењето на овие „политики“ односно нивниот молк за карактерот на истите е катастрофален по развојот на општеството.

Но сето ова е само последица т.е. дисперзирана порнографија чие вулгарно исходиште се наоѓа во самите политички партии односно во врвовите на власта што тие ги конфигурираат. Целиот таканаречен „претставнички систем“ (Собрание, Влада, министерства, администрација, локална самоуправа…) се темели на класични опскурно непристојни и често вулгарни премиси во политиката. Ако ги погледнете составите на собранието, владата, министерствата, општините… во изминативе петнаесетина години, сликата е катастрофална во поглед на стручноста, компетентноста, интелектуалноста, писменоста, моралноста… на „народните избраници“. Таквите тотално неквалификувани политички „тимови“ се главните носители на новите пронографски политики во државата и силна кочница на потенцијалните општествени промени. Актуелниот сличај „црн Мерко“ е само врвот на ледениот брег! Цела држава е за на црна листа!

А од неодамна, државата/општеството воведува нов порнографски „стандард“: неприфаќање на одговорност!. Го воведува (кој друг ако не) таканаречениот вицепремиер за евроинтеграции кој вели дека Владата нема да биде одговорна ако не се изгласаат уставните амандмани. Веројатно за виновна ќе ја прогласат опозицијата, а можеби и граѓаните. „Со мирна совест можеме да кажеме дека сме сториле сѐ за Северна Македонија да продолжи на патот кон европските интеграции и да го оствариме сонот за европска Македонија. Тие што ќе гласаат против и ќе решат да си наметнат вето, овојпат самите на себе, тие ќе треба да дадат одговор на граѓаните зошто треба да чекаме уште 10 години“, најбезобразно вели Маричиќ.

А ова е само предигра, жежок порнографски „петинг“ (што би се рекло) во предизборието, којшто треба полека да ја омекнува, замаглува актуелната слика на тотален пораз на сите „политики“ на владеачката гарнитура. Што не е баш така лесно. Но за тоа во друга прилика.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини