Порано беше ’селски‘ да се носи платнено шамивче, денес се вика ’нула отпад‘
Нашите баби и дедовци редовно си носеа во џебот платнени шамивчиња, на пазар и тие и нашите родители одеа со платнени торби, се служеа со платнени крпи, купуваа на мерење, а со лушпите од јајца, банани и талогот од кафе ги хранеа цвеќињата. Правеа супа или ги ставаа во салата остатоците од зеленчукот, а облеката често ја наследувавме еден од друг.
Нула отпад е движење кое се залага за живот без отпад. Движењето поттикнува повторна употреба на предметите или нивна пренамена за други цели. Исто така, поттикнува и компостирање и се залага за купување работи што се неопходни, органски или спакувани во минимална амбалажа.
Но, во голем дел од советите за намалување на отпадот ќе препознаете заборавен дел од живеењето на нашите претци. На пример, нашите баби и дедовци редовно си носеа во џебот платнени шамивчиња, a ние мислевме дека е тоа ‘селски’, па ги убедувавме дека е подобро да преминат на ‘палома’. На пазар и тие и нашите родители одеа со платнени торби, а ние им велевме дека треба конечно да се научат да користат кеси. Се служеа со платнени крпи, а ние инсистиравме на хартиени салфети. Купуваа на мерење, а ние сакавме се да биде убаво спакувано. Користеа за нас платнени пелени, а ние едвај ги дочекавме оние за еднократна употреба. Со лушпите од јајца, банани и талогот од кафе ги хранеа цвеќињата. Ние велевме дека дворот не е канта. Правеа супа или ги ставаа во салата остатоците од зеленчукот, а ние мислевме дека се скржави па не сакаат да фрлат ништо. Облеката често ја наследувавме еден од друг, а сакавме нова.
Денес најрадикалните поборници за нула отпад се залагаат за преселба во дивината, додека од друга страна, многумина го претворија ова движење во површен начин на живот. Купување домашна храна, на пазар или од земјоделците и малку внимание кон чувањето на намирниците е доволно за да се зголеми квалитетот на готвењето и да се намалат отпадот, но и трошоците.
Составивме список на разумни и практични правила што можете да започнете да ги применувате веднаш. Тоа се главно оние истите кои веќе функционирале во не толку далечното минато. Значи, не откривме топла вода, само се потсетивме дека е возможно. Ако промените само една од навиките, веќе сте придонеле за подобра состојба.
Користете ги остатоците од намирниците
Делови од растенијата кои обично се фрлаат често содржат повеќе хранливи материи од вообичаените делови за јадење и полни се со антиоксиданти и хранливи влакна.
Слатки компири, моркови и компири се совршен зеленчук за печење во целост – тие не треба да се лупат. Едноставно добро измијте ги и готови се за приготвување. Можете да ги испечете компирите со лушпи во рерна и да ги наполните со фил по ваш избор. Или направете вкусна супа користејќи цели моркови и сладок компир. Карфиолот е исто така одличен зеленчук за целосно готвење. Исечкајте го на мали парчиња или исечете го на кришки и печете ги во рерна.
Освен тоа, научете да ги компостирате остатоците од храна.
Направете песто од остатокот од зелениот зеленчук
Може да направите песто од остатокот од зелен лиснат зеленчук, мешајќи во блендер заедно со лук, зачини и масло.
Некои видови зеленило, особено врвовите од моркови, имаат горчлив вкус, но со бланширање ќе се отстрани поголемиот дел од тоа. За да ги измиете ставете го во голем сад полн со топла вода и варете ги кратко, а потоа префрлете ги во многу ладна вода за да го запрете процесот на готвење.
Стеблата на растенија како што се копар, босилек, коријандер и магдонос се исто така полни со арома и хранливи материи. Растенијата кои имаат потешки стебла, како што се брокула, рузмарин и аспарагус, се посоодветни за супи и сосови.
Јадете домашна храна наместо преработена
Што обично доаѓа во пластична амбалажа? Преработената храна, брзата храна и некои основни намирници како ориз, кои исто така можете да ги најдете во амбалажа од платно или хартија. Вистинската храна, која треба да ја подготвите и готвите, не се продава во пластика.
Купувајте храна на мерење
Честопати, храната што можете да ја купите на мерење е многу поевтина од спакуваната. Јатки житарици, ориз, овошје и зеленчук, сè што ви треба може да се најде без амбалажа! Користете тегли и садовите кога купувате.
Користете ја кората од цитрусите
Дали користите само сок од лимон за да подготвите оброк? Не го фрлајте остатокот. Лушпите и семките од овошје и зеленчук се одличен извор на фитохемикалии, растворливи влакна и антиоксиданти.
Лушпите од органски лимон, лимета и портокал се одлични во колачи и други десерти, а можете да ги исушите и да ги ставите во чај. Друг одличен начин да користите остатоци од овошни лушпи е да ги ставите во пијалак или сок.
Направете сами растително млеко
Ако користите млеко од бадем или ориз, направете го сами, наместо да го купувате во тетрапак. Домашно растително млеко во стаклено шише може да се чува во фрижидер до три дена.
Не мора да применувате нула отпад само при готвење.
Организирајте ги намирниците во кујната во тегли
Искористените тегли се одлични за создавање кујна со нула отпад. Празните можете да ги користите за складирање на разни намирници и тие се одлични за организација. Во нив може да чувате чаеви, зачини, житарици, брашно, шеќер и многу повеќе.
Заменете ја хартијата со крпи
Хартиените крпи може да бидат практични, но имајќи предвид колку брзо се трошат и колку шуми страдаат поради тоа, а да не зборуваме за самиот процес на производство и дистрибуција, има повеќе од доволна причина да се стават надвор од употреба.
Можете да ги замените со крпи што може да се користат повеќепати, кои секогаш можете да ги исперете и повторно да ги користите. Знаете де, како порано. Можете исто така да ги направите крпите и сами од стари пешкири или која било друга ткаенина.
Отфрлете ја пластиката
Пластиката, како еден од најголемите непријатели на природата, треба да се отстрани целосно. Не купувајте вода, сокови, закуски и друга храна спакувана во пластика. Ако купите сок, изберете го оној во тетрапак. Ако одите на излет или на село, избегнувајте употреба на пластични чинии, садови или сламки.
Одете на пазарење со платнени торби
Пластичните кеси сè уште се користат во многу продавници, што не е причина да мора да ги користите. Набавете го, или направете си своја торба од платно што ќе ја носите со себе секогаш кога ќе купувате.
Може да направите и помали вреќички во кои можете да чувате овошје и зеленчук. Сè што ќе донесете од продавницата, едноставно пренесете го на соодветно место во кујната или во сад, без да направите пластичен отпад. Чувањето намирници во пластика е многу нездраво.
Направете сами средство за чистење на кујната
Денес можеме да најдеме чистачи за секој дел од кујната. Таквите производи честопати се непотребни, многу агресивни и штетни по здравјето, но исто така и фрлање пари.
Можете сами да направите универзален чистач, дури и подобар од оној што го купивте. Оцет помешан со вода и неколку капки есенцијално масло во стаклено шише со спреј ќе ја исчисти скоро секоја нечистотија во кујната. Сунѓерите за кујнско миење садови можете да ги замените со дрвена четка за садови.
Фото: Unsplash