ПОРАНЕШЕН НАЧАЛНИК НА СВР ОХРИД ПРИЈАВЕН ЗА НАПАД ВРЗ НОВИНАР Денесовски тврди дека напаѓачот му се заканувал со пиштол
„Дојде на состанокот каде што бев јас почнаа да плука на мене, да ме навредува. Се закануваше со пиштол и велеше кој сум ја да го објавувам него во медиумот“, вели уредникот на Охрид Скај, Сашо Денесовски.
Главниот и одговорен уредник на Охрид Скај Сашо Денесовски, поради агресивно однесување, во полиција го пријавил З.С.(54) поранешниот началник на СВР Охрид.
Како што раскажа Денесовски за Плусинфо, инцидентот се случил вчера откако поранешниот началник упаднал на состанок каде што бил тој и му упатувал закани.
– Напаѓачот неколку дена ме следел, поради објава на нашиот медиум, па поради тоа дојде на состанокот каде што бев јас почнаа да плукат на мене, да ме навредува. Се закануваше со пиштол и велеше кој сум ја да го објавувам него во медиумот – вели Денесовски.
Тој додаде дека веднаш настанот бил пријавен во полиција, но додека да пристигнат полициските службеници напаѓачот побегнал. Потоа во текот на денот З.С. бил приведен од страна на полицијата и со него бил извршен информативен разговор.
Во полицискиот билтен е наведено дека на 04.03.2025 во 14 часот, во СВР Охрид е пријавено дека З.С.(54) од Охрид агресивно се однесувал кон С.Д.(58) од Охрид. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Денесовски вели дека нападот од страна на поранешниот началник на СВР Охрид е поради тоа што тој претходно имал објавено дека З.С. извршил кражба во маркет, при што бил фатен на дело од страна на полицијата.
Кога З.С. се обидел да излезе од маркетот, бил спречен од страна на вработените, кои веднаш повикале обезбедување и полиција. При извршениот претрес на осомничениот, било утврдено дека џебовите на неговата јакна биле намерно скинати, а преку нив, во внатрешноста на поставата, биле пронајдени украдени предмети како што се пакувања апетисани лешници и бадеми по 100 грама, чоколади „Баунти“, „Милка“ и други стоки.
Вработените во маркетот подолго време го следеле З.С. и го забележале дека врши кражби, па затоа и го пријавиле, а за истиот инцидент имало извештај во полицискиот билтен.
„На 12.02.2025 околу 20.30 часот, полициски службеници од СВР Охрид го привеле З.С. (53) од Охрид. Тој бил затекнат при извршување кражба во продажен објект на бул.Туристичка во Охрид, при што одзел повеќе производи. Одземеното било пронајдено и било вратено на сопственикот. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава“, пишува СВР Охрид.