ПОРАДИ КОРУПЦИЈАТА ВО ЗЕМЈАВА НИКОЈ НЕ ЈА ПРИТИСКА БУГАРИЈА ЗА ВЕТОТО Во ЕУ не се уверени дека Македонија заслужува членство, рече Николоски
Има соодветни механизми со коишто и самата ЕУ, но и земјите членки, можат да направат притисок врз Бугарија, доколку се убедени дека Македонија заслужува почеток на преговори – рече Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во расправа на собраниска комисија.
Македонија нема со што да се пофали, за жал во државата со години корупцијата цвета, економијата тоне, тоа е константа којашто можеме да ја видиме, и основна причина зошто Македонија не почнува преговори за членство со ЕУ е токму високото ниво на криминал и корупција – рече во своето обраќање пред Националниот совет за евроинтеграциии и Комисијата за европски прашања Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Државата има слабо досие, има досие со кое што не може да се пофали пред голем број земји членки на ЕУ и истите не вршат притисок врз Бугарија, и Бугарија буквално се изживува врз Македонија наметнувајќи бескрајни услови кои што гледаме дека од ден во ден се зголемуваат зависно од тоа како има политички потреби во Бугарија – рече Николоски.
Тој рече дека истото не е случај и за други земји, алудирајќи на блокадата на Унгарија кон Украина,
– Никој не им врши притисок да не го прават тоа, а гледаме дека, доколку се направи политички притисок – тоа го видовме и на последниот состанок на Европскиот Совет – апсолутно можат да се променат овие работи. Како што често велам, ние немаме проблем со најсилната земја членка на ЕУ, ние имаме проблем со најслабата или втората најслаба земја членка на ЕУ. Многу повеќе ЕУ ѝ треба на Бугарија отколку што Бугарија ѝ треба на ЕУ и има соодветни механизми со кои што и самата ЕУ, но и земјите членки, можат да направат притисок врз Бугарија, доколку се убедени дека Македонија заслужува почеток на преговори, но за жал неколку големи земји членки не се убедени дека Македонија заслужува почеток на преговори, пред сè поради високото ниво на криминал и корупција и немањето на функционален систем на владеење на правото – рече Николоски.