ПОРАДИ КАБЕЛ ЗГАСНАА 14 ЖИВОТИ? Николоски тврди дека СДСМ и ДУИ си го нарачале извештајот за модуларната болница
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, истакна дека во најмала рака смешно е да се тврди дека 14 човечки животи се загубија заради некаков кабел.
Очигледно е дека СДСМ и ДУИ преку Јавното обвинителство во Тетово си нарачуваат извештај каков што им одговара со цел да сокријат одговорност, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска од Општина Кисела Вода, одговарајќи на новинарско прашање во врска со извештајот за опожарената модуларна во Тетово.
Тој додаде дека најодговорен за целиот случај е министерот за здравство Венко Филипче, бидејќи тој е одговорен за изградбата на модуларните центри кои се во неговото Министерство за здравство.
Николоски истакна дека во најмала рака смешно е да се тврди дека 14 човечки животи се загубија заради некаков кабел.
– Во исто време дури и да е така како што тврди тетовското Јавно обвинителство, повторно одговорноста е кај Венко Филипче затоа што тој е министер за здравство и тој е најодговорен за изградбата на модуларните болници и за нивното функционирање, затоа што тие се во рамките на Министерството за здравство и знаеме дека со промените на Законот за градење целосно е прескокната процедурата на кој начин истите требало да бидат изградени – рече Николоски.
Тој нагласи дека од одговорност не може да избегаат и одговорност ќе се случи по овие локални избори кога ќе има и ново парламентарно мнозинство, затоа што 14 човечки животи кои беа загубени не можат да завршат со некаков кабел кој не бил исправен.