ПОПУЛАРНОСТА МУ РАСТЕ, А НА ПАЗАРОТ СЕ ПОМАЛКУ ГО ИМА Цената на суровото кафе го надмина историскиот максимум
Кафето е втора најтргувана стока во светот по обем, веднаш по нафтата, а неговата популарност расте.
Цената на кафето на меѓународните пазари на суровини достигна највисоко ниво на сите времиња. Вчера кафето од сортата Арабика, која го сочинува најголемиот дел од глобалното производство, се продаваше по цена од 3,44 долари за 0,45 килограми, што претставува скок од повеќе од 80% оваа година. Цената на кафето Робуста, пак, драстично порасна во септември како резултат на лошата клима во Виетнам каде што најмногу се произведува.
Трговците на кафе очекуваат пад на приносите на оваа култура откако двата најголеми светски производители, Бразил и Виетнам, беа погодени од лошите временски услови, а популарноста на пијалакот продолжува да расте. Тоа ќе влијае и на повисоки цени на суровината, но и на крајниот производ.
– Загриженоста за жетвата на кафе во Бразил во 2025 година се главните двигатели на овој раст – рече Оле Хансен, раководител на стоковната стратегија во Saxo Bank.
Тој рече дека Бразил кој е главен производител на кафето Арабика ја доживеа најлошата суша во последните 70 години во текот на август и септември, проследена со обилни дождови во октомври, што ги зголеми стравувањата дека родот може да пропадне.
Понудата на кафето Робуста, исто така, ќе се намали откако насадите во Виетнам, најголемиот производител на овој вид, исто така доживеаја суша и обилни дождови.
Последниот рекорд на цена на кафе е поставен во 1977 година, откако необични снежни врнежи уништија голем број плантажи со кафе во Бразил.
Кафето е втора најтргувана стока во светот по обем, веднаш по нафтата, а неговата популарност расте. На пример, потрошувачката во Кина во последната деценија е повеќе од двојно зголемена.