Попладнево во „Аџибадем Систина“ 48 тестирани, 3 лица позитивни

Во текот на наредните денови се очекува интензивирање на бројот на тестирања во оваа болница. тестирањето се врши со закажување, а резултататите се добиваат за два часа.

5,202

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ денеска попладне (27 март, петок) започна тестирањето со новиот тест на корона вирус. Извршени се 48 тестирања и добиени се позитивни резултати кај три лица. Две од нив во моментов се заболени, додека едно веќе ја прележало болеста.

Од „Аџибадем Систина“ велат дека во наредните денови очекуваат интензивирање на тестирањата. Како што веќе објавивме, тестирањето се врши единствено со претходно закажување термин преку телефонскиот број 02 3099500, достапен 24/7. Пациентите кои немаат закажано термин за тестирање нема да бидат примени за земање примерок. Пациентите кои ќе дојдат на тестирање треба да носат заштитна маска.






Тестот кој се користи е високопрецизен брз хроматографски тест за детекција на IgG и IgM антителата кои се создаваат од коронавирусот (COVID-19). Комбинираната употреба на IgG и IgM тестот може ефикасно да детектира присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото.

Овој тест, како нов производ на пазарот, сега се користи речиси во сите болници во Велика Британија, САД, Полска, Србија, Турција, Италија и други земји зафатени од пандемијата на коронавирусот. Научниците го тестирале првично во градот Вухан, во Институтот за вируси во Кина, каде што се потврдил  како еден од најефикасните  и најбрзи методи за детекција на коронавирусот.

Тестирањето е преку земање примерок од крв, а процедурата на тестирање не трае подолго од 10 минути. Примероците за тестирање на Ковид-19 се земаат во специјален пункт што е целосно одделен од останатиот дел од болницата со цел максимална безбедност и заштита.

Цената на тестирање изнесува 1.200 денари. Работното време на пунктот за тестирање е од 8:00 до 15:00 часот секој работен ден во неделата вклучувајќи ги и викендите.

Резултатите од тестот се брзи, ефикасни и прецизни со точност повеќе од 92.9%  и истите се добиваат два часа по тестирањето на претходно доставената е-маил адреса.

Поврзани содржини