ПООСТРА РЕГУЛАЦИЈА ЗА ОГНОМЕТИ, ФАКЕЛИЈАДИ И ЗА ДРУГА ПИРОТЕХНИКА Ќе се менува Законот за јавен ред и мир
Се заоструваат и казните за правни и физички лица кои ќе ги прекршат одредбите од овој закон. Дел од казните се двојно повисоки, а за некои, законот предвидува и затвор, вели пратеникот Тони Јаревски.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка ќе го менува Законот за јавен ред и мир, за да се стави ред во употребата на пиротехнички средства во затворен простор, најави пратеникот Тони Јаревски.
– Изминатава недела бевме посветени на изнаоѓање решенија кои во иднина нема да дозволат да ни се случат нови трагедии или хаварии. За оваа цел, по скратена постапка го менуваме Законот за јавен ред и мир, кој ќе создаде нови механизми за воведување ред, заштита и поголема безбедност за секого. Предлог-законот го стеснува обрачот околу оние кои создаваат ризици преку злоупотреба и незаконско користење на пиротехнички средства, особено во затворен простор. Се заострува регулацијата за приредување огномет, факелијада и слични приредби на кои се користат експлозивни материи. Се заоструваат и казните за правни и физички лица кои ќе ги прекршат одредбите од овој закон. Дел од казните се двојно повисоки, а за некои, законот предвидува и затвор – соопшти Јаревски.
Со измените на законот ќе се прошири надлежноста на полицијата, додаде тој.
– Механизам преку кој ќе овозможиме поголема контрола при користење на експлозиви, како и побрзо и поефикасно спроведување на овој закон – рече Јаревски.
Ова е само едно од законските решенија со кои ќе направиме значајни подобрувања за зголемена безбедност, додаде Јаревски, а во Собранието ќе бидат поднесат и другите предлози што се подготвуваа изминативе 2 недели.
– Ги повикувам сите мои колеги пратеници, без разлика на политичката припадност, да го поддржат овој предлог-закон, бидејќи станува збор за суштинска промена која нè засега сите. Ја охрабрувам и пошироката јавност, активно да се вклучи во дискусијата и да даде свои сугестии, заедно да донесеме подобри закони и решенија, за да создадеме подобро и побезбедно општество за сите нас – повика пратеникот Тони Јаревски.