Понижувања за нашите ѕвезди, кеш на рака за разни цеци-меци

„Треба да се пренесе искуството од развиените европски земји и кај нас да се развие официјално музичко експорт-биро. Во едно такво експорт-биро би се вмрежиле буквално сите, продуцентските куќи, спонзорите и државата. Идејата е да им се помогне на локалните музички артисти со финансии, со обуки, со вмрежување, со контакти“, вели Катерина Евго.

916

Македонските медиуми пуштаат туѓа музика, музичката мафија работи, а државата без стратегија за поддршка на домашната музичка стратегија. Во првите две продолженија од истражувањето каде исчезна македонската естрада, Ана Костовска, Григор Копров, Александар Масевски, Васко Спасоски и Антонио Димитриевски, познати имиња од македонската музичка сцена, сведочеа за тажната состојба во која се наоѓа таа и за тоа како ситуацијата ја користат турбофолк ѕвездите од регионот и странските продукции на шунд и неквалитет да заработат во Македонија.

Реминисценциите на годините на експлозија на домашна музичка продукција од крајот на 20 век, како несомнено државен и политички проект, го наметна прашањето дали постои можност таа ситуација да се повтори и има ли начин државата да интервенира за да го зајакне македонскиот музички пазар, кој е четири до пет пати помал во однос на соседните земји од поранешна Југославија. Може ли домашната продукција да се избори за свое место под сонцето, да опстане и со искрен труд да продуцира успешни приказни?






Државната стратегија и т.н. експорт-бироа

Сите експерти што ги контактиравме се согласуваат дека ни недостасува државна стратегија за развој на оваа област. Во таа стратегија, веројатно, прашање број еден би било ограничувањето колку и како ќе се слуша нашата, а колку странската музика:

– Државата во сите овие минати децении не изгради стратегија со која ќе ги заштити македонските музичари и нашата музика од агресивниот наплив на шунд од соседството. Тоа се решава со закони, а секако и со малку поголема самосвест. Чувството за поголема почит, за протежирање и експонирање на своето, кај нас едноставно не постои – смета Александар Масевски, познат композитор и продуцент.

Националната стратегија не е „топла вода“, туку нешто што може да се преземе од развиените европски земји. Катерина Евго, пи-ар и менаџер во познатата „Пасворд продукција“, ја протежира идејата за т.н. експорт-бироа:

– Има една иницијатива меѓу издавачките куќи од регионот, а тоа е да се пренесе искуството од развиените европски земји и кај нас да се развие официјално музичко експорт-биро. Тоа е пракса во сите развиени земји, особено во Европа. Не е случајно тоа што шведската музика е популарна во последните децении. Или да го земеме Исланд за пример – вели Евго.

 

Катерина Евго

 

Во едно такво експорт-биро би се вмрежиле буквално сите, продуцентските куќи, спонзорите и државата.

– Овие земји, Шведска и Исланд, имаат исклучително развиени државни канцеларии, кои работат само на промоција на сопствената музичка сцена надвор од земјите. Им се помага на локалните музички артисти со финансии, со обуки, со вмрежување, со контакти. Таа пракса веќе постои. Значи, ништо не е случајно – додава таа.

Понижувачките хонорари и музика „од хоби“

„Пасворд продукција“ е една од ретките, ако не и единствена куќа која во моментов вложува во млади пејачи и во групи од разен калибар во земјата. Тука влегува и андерграунд-сцената, која е посебно понижена и е приказна за себе. Продукцијата работи, но за да се прошири пазарот, треба да имаме повеќе продуцентски куќи, повеќе концерти, повеќе албуми. Накусо, потребна е целосна стратегија.

– Фактори се државата, свеста, образованието, културата, финансиската моќ. Музичката индустрија не е хоби, не е среќа некому да се погоди, туку е индустрија со повеќе сегменти и сите треба да функционираат како еден систем – објаснува Евго.

Можеби најтажниот ефект од оваа невмреженост и изолираност на сцената се ниските хонорари на македонските естрадни ѕвезди. Па така, тие мораат да основаат други бизниси, а музиката да ја тераат „од хоби“, што на крајот влијае и на нејзиниот квалитет.

– Оставени на милост и немилост, македонските музичари и артисти веќе долг период дишат на жабри – директен и искрен е Александар Масевски.

Срамот е голем кај ѕвездите, па не е ни чудо што голем дел од нив свесно одбија да зборуваат за Плусинфо на оваа тема. Можеби тоа најдобро го илустрира сведоштвото на познатата глумица и пејачка Ана Костовска:

– Последен пат се појавив на Макфест во 2018 година и се чувствував понижена и на погрешно место. Тоа ќе биде навистина последен пат, доколку луѓето кои ги водат тие приредби не бидат сменети со други, нови луѓе, со свежи идеи и без алчноста за заработка како овие досега. Нема потреба да спомнувам имиња, сите знаат кој е кој и што се случува. Нашите фестивали се срамотни. Од тие причини естрадата е исчезната. Но, секогаш постои надеж дека работите ќе се сменат на подобро.

Не може општина без Цеца

И хонорарите можат да бидат регулирани со закон, ако тоа државата го потегне тоа прашање:

– Верувам дека, барем за сега, за жал, нема да се спречат гостувањата на „ѕвезди“ како Цеца и нема да се зголемат хонорарите на нашите ѕвезди, за тие да можат да живеат од музика. Тоа е суровата вистина. Се надевам дека во блиска иднина ќе се изнајдат механизми кои на некој начин ќе ги стават под контрола настапите на артистите од соседството и ќе резултираат со бенефит за домашните артисти – објаснува Александар Масевски.

Во овој „бизнис“, во кој царува турбофолкот од соседството, често, парите се даваат на рака. А корупцијата најмногу е присутна кај спонзорите, кои, според некои шпекулации, дури и до половина од парите си ги делат со издавачите. И сето тоа никој не го гледа, бидејќи турбофолк ѕвездите од соседството ги полнат летните сцени во македонските градови.

– Видете, не е проблем тоа што Цеца пее во Македонија, проблем е што за таа Цеца општината без проблем ќе плати 50.000 или 100.000 евра за нејзиниот настап, а за македонски изведувач им е проблем да платат пристојна сума, не велам висока. Јас не велам дека Цеца не заслужила голем хонорар, но немој да ги потценуваш и да ги навредуваш нашите пејачи со смешни хонорари – вели музичкиот менаџер Васко Спасоски.

Кога странските ѕвезди би го плаќале данокот од хонорарите, сè би било поинаку. Зошто тоа не е така? Или зошто тие што вистински вложуваат во естрадата не се ослободени од некои даноци?

– Затоа што тоа не е регулирано со закон. Кој кога сака и како сака влегува во државата и прави концерти. Кога би плаќале данок, а не парите да ги земаат на рака, тогаш би било поинаку. И конечно, ако се регулира прашањето на застапеноста на домашната продукција во медиумите, верувам дека популарноста на домашните ѕвезди би била слична со оние од регионот. А фирмите кои вложуваат во естрадата треба да бидат ослободени од данок – вели Антонио Димитриевски.

(Утре: Дали политиката ни ја кројат скриени турбофолкери?)

Поврзани содржини