ПОНИЖЕТЕ ЈА СМРТТА СО БЕСТРАШНОСТ И СТВОРЕТЕ СВОЈ МИКРОСВЕТ Како да бидеме среќни во време кога сѐ е отидено по ѓаволите?

Ние ја загубивме основната христијанска интуиција за тоа дека смртта е непријател со кого нема и не може да има помирување, дека отфрлањето на диктатот на телесноста е императив на аскетското разбирање за животот според светите отци, објаснува за Плусинфо отец Милан Ѓорѓевиќ, свештеник од Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

2,064

„Не ви посакувам ниту богатство, ниту слава, ниту успех, па дури ни здравје, туху само мир душевен. Тоа е најважно. Ако го имате мирот ќе бидете среќни“. Ова е само една од мудрите поуки што ни ги остави во аманет преподобниот отец Алексиј, а која сите ние, за наше сопствено добро, како „Оче наш“ треба да ја научиме напамет оваа негова мисла и да си ја „потпевнуваме“ секогаш кога ќе ни дојде тешко на душата.

Оти, дојдено е времето кога е извонредно тешко да се биде среќен. Дојдено е времето кога секоја вечер заспиваме со отворени очи поради секирациите никнати во изминатиот ден, а секое утро се будиме со затворени очни капаци и одбиваме да се соочиме со новородениот ден. Оти се плашиме од реалноста и оти знаеме дека вечерта пак ќе легнеме со грутка на душата.






Едноставно, такви се времињата – непредвидливи. Денеска стравуваме од опасноста за почеток на Трета светска војна, утре се плашиме од евентуална експлозија на нуклеарна бомба, а нема ден кога не си ги подгризуваме прстите кога ќе ни помине мислата низ глава како да ја преживееме зимата со оглед на сериозните најави за енергетска и економска криза во коишто западна светот, а и ние.

Насекаде околу нас преовладува безнадежност и бесцелност, луѓето стануваат депресивни и анксиозни. Па, одговор на прашањето: „како сите лоши вести и состојби влијаат врз психолошкото здравје на човекот, но и како да се справиме со стравовите?“, побаравме од личности кои успеваат на некој начин да го задржат ведриот дух во себе, но и од личности чија професија им овозможува да го одржуваат ведриот дух кај другите.

Смртта е непријател со кого нема помирување

Отец Милан Ѓорѓевиќ, православен свештеник, универзитетски професор, истражувач на средновековната теологија, философија и култура, вели дека кризата низ којашто поминуваме може да се покаже како исцелителна.

Отец Милан: Животот е тука да ја надмине смртта, да ја остави зад себе поразена и понижена, фрлена во вителот на гнилежот и заборавот. Со други зборови, животот е тука за да остане, а не да се мири со она што неминовно ќе заврши и ќе пропадне.

– Прашање е што воопшто значи да се живее „нормално“ и дали би можеле со сигурност да тврдиме дека некогаш сме живееле така? Ако ова статус-кво на нашето нарушено консумеристичко секојдневие ни е критериум за нормалност, тогаш имаме сериозен аксиолошки проблем. Во таа смисла, кризата низ која поминуваме може да се покаже како исцелителна. Обземени од светот на комодитетите и непрестаната трка по нив, човекот на нашето време како да ја има заборавено незаобиколната стварност на минливоста и смртта, а со самото тоа и се има помирено со нив. Ние ја загубивме основната христијанска интуиција за тоа дека смртта е непријател со кого нема и не може да има помирување, дека отфрлањето на диктатот на телесноста е императив на аскетското разбирање за животот според светите отци. Животот е тука да ја надмине смртта, да ја остави зад себе поразена и понижена, фрлена во вителот на гнилежот и заборавот. Со други зборови, животот е тука за да остане, а не да се мири со она што неминовно ќе заврши и ќе пропадне. Во основата на кажаното стои незаобиколната и сепрегрнувачка стварност на Христовото Воскресение, на неговата победа над смртта извојувана преку самата негова смрт на крстот – објаснува отец Милан.

Денешното поколение, додава тој, речиси го загубило овој аскетски рефлекс, благодарение на кој светите не само што прифаќале, туку и посакувале и се молеле да излезат на мегдан со смртта.

– Всушност, континуираната криза низ којашто поминуваме изминативе 2-3 години го нарушува невротичниот баланс на нашата глобална култура. Се наоѓаме во точка во која веќе не можеме да останеме, точка во која мораме да направиме избор. Еден можен пат е оној што го посочувате – да им се предадеме на безнадежноста и бесцелноста. Во таков случај, ќе побрзаме да ги избегнеме сите непријатности, пред сѐ неспокојот и стравот – кои, всушност, имаат функција да ни алармираат дека нешто не е во ред со нашиот однос кон стварноста. Помислата на смртта, вклучително и на можноста човекот да го опустоши светот што од Бога му е доверен, може да ја обнови во нас речиси потполно потиснатата есхатолошка свест, сознанието за тоа дека драмата на светот и историјата неминовно ќе има своја разврска. Она што има почеток мора некогаш и да заврши. Ова не го кажувам за да внесам дополнителен немир, туку за да потсетам дека христијаните од минатите поколенија исчекувале и посакувале оваа разврска што поскоро да се збидне (1. Сол 1,10; 4,16-17). Уште помалку имам намера да „предвидувам“ што кога ќе се случува – Светото писмо јасно вели дека не го знаеме денот и часот кога ќе дојде Синот Човечки (Матеј 25,13; 1. Сол. 5,1-2). Копнежот по исполнувањето на времето, пак, не доаѓа од некој мрачен деструктивен порив, туку од стремежната љубов по Христа и неговото Воскресение, по неговото Царство кое е отаде времето и светот што го познаваме. Божествената љубов го изгонува стравот од срцето на човекот (1. Јован 4,18). Последниве зборови не служат да нѐ „смират“ и да нѐ „успокојат“, туку напротив, да ја покажат смислата на немирот и неспокојот со чија помош Бог нѐ изведува од дремежот и досадата на баналното „нормално“ и нѐ упатува отаде сите оние нешта што по својата тварна природа ги познаваме и ги искусуваме – објаснува нашиот соговорник.

Сфатете дека сте немоќни да ја запрете војната

Стравот и анксиозноста потекнуваат од желбата да се има гаранција дека ништо лошо нема да се случи и дека сѐ ќе заврши добро, вели психологот Ангела Будиноска.

Таа објаснува дека во ова време-невреме тешко е да се замисли како е да живееме во состојба на постојана смиреност и безбедност, ослободени од каква било несигурност, ризик, опасност или закани.

– Стравот и вознемиреноста се дел од животот, а често и корисен дел. Стравот нѐ предупредува за претстојна опасност, исто како во моментот кога ќе почувствуваме дека автомобилот ни се лизга на замрзнат пат. Чувството на вознемиреност може да ја мотивира личноста да се подготви за важен деловен состанок или да преземе дополнителни мерки на претпазливост кога патува во непознато место. Факт е дека ни треба малку страв и вознемиреност во нашите животи, но не сите искуства на анксиозност и страв се добри за нас. Анксиозноста е пролонгирана, сложена емоционална состојба која најчесто е предизвикана од страв. Се работи за физичка вознемиреност каде што веруваме дека не можеме да ги предвидиме и исконтролираме потенцијалните лоши идни настани – вели Будиноска.

Анксиозноста, додава психологот, е секогаш насочена кон иднината.

– Сите настани на глобално ниво во последниве две и пол години предизвикаа низа психолошки промени кај луѓето од целиот свет. Почнувајќи од пандемијата со коронавирусот која нѐ зафати во 2020 година, па сѐ до војната во Украина во 2022 година, народот почна да живее во страв за сопствената егзистенција. Стравот и анксиозноста потекнуваат од желбата да се има гаранција дека ништо лошо нема да се случи и дека сѐ ќе заврши добро. Таа гаранција никој не може да ни ја даде, како што никој не може да ни гарантира и дека при секојдневно преминување улица на пешачки премин нема да нѐ удри автомобил. Се работи сепак за желба за контрола врз работи врз кои се нема контрола. Тоа е исто како да сме вознемирени затоа што можеби утре ќе врне дожд и ќе биде студено, иако не можеме да го исконтролираме тоа – објаснува Будиноска.

Таа вели дека можеме да имаме контрола врз нашите реакции.

Факт е дека ни треба малку страв и вознемиреност во нашите животи, но не сите искуства на анксиозност и страв се добри за нас.

Ангела Будиноска Психолог

– Настаните не се причина за побудување емоција кај нас, туку начинот на кој ние размислуваме за нештата околу нас. Медиумите играат дополнителна улога во целиот процес на несигурност и страв, што впрочем е и можеби нечија главна цел – да го заплашат народот за да можат полесно да применат најразлични маркетиншки трикови и кампањи. Но, настрана од тоа, никој не може да присили некого да гледа и слуша вести или да чита весници. Тука е моментот кајшто ние самите имаме контрола и моќ да слушаме, гледаме и да читаме содржини по наш избор. Доколку избереме да поминеме квалитетно време со најблиските, да спортуваме, да прочитаме некоја убава книга или да погледнеме некој интересен филм, со сигурност ќе се дистанцираме од негативните моментални или потенцијални настани и приказни околу нас. Негативноста и неизвесноста нема да се намали, таа и понатаму ќе биде тука и можеби ќе расте. Она што можеме ние да смениме е како ќе се поставиме кон таа општа реалност и како ќе ја изградиме сопствената реалност – објаснува Будиноска.

Среќата е оргазам кој трае со секунди

Колумнистот и писател Божидар Божиновски, пак, смета дека никогаш не сме ни живееле нормално и дека нормалното е само општествена конструкција за некој просек.

Како да живееме среќно? Никако. Среќата е само оргазмично чувство кое трае со секунди. Она што треба е задоволство од животот.

Божидар Божиновски Колумнист и писател

– Секој кој е под или над е осуден дека е надвор од таа златна линија која не е златна воопшто, ама ако им е убаво таму, тогаш тоа е нивeн проблем. Откако установивме некоја дефиниција за нормално, пак е никако. Општата психоза е дека ќе го снема светот. Прилично егоцентрична претпоставка дека светот е Европа и дека без нас нема свет. Човек има на секој континент, веројатно ќе преживее Централно Африканска Република или Наруру. Или тоа не се луѓе, само ние во Европа сме? Кога воспоставивме дека нема човечкиот род да го снема, која е наредна грижа. Немаштија? Логично. Ние што немаме ќе немаме повеќе, тие коишто имаат ќе имаат уште повеќе. Маркс го предвиде ова, само дали пролетаријатот и лумпен пролетаријатот ќе се свестат дека се мнозинство, останува да видиме. Капитализмот нѐ зароби толку многу што не е ништо друго важно освен сервисирање на истиот систем кој нѐ убива. Во војните гинат работници и пролетери и од руска и од украинска страна, сите ние ќе го платиме цехот на некои капиталисти на кои нема да им фали ништо во оваа криза, напротив, ќе излезат побогати. Зошто? Затоа што нѐ поделија – вели Божиновски.

Трета година сме под директна закана од смрт, корона, па нукулеарки, па што и да е наредно, додава тој.

– Колку што гледам, стигнуваме до една горна граница од која нема враќање. Таа е економска, таа е национална, таа е класна. Многу од нас немаат што да изгубат, а ако немаме што да изгубиме ќе одиме на тие кои ни зеле тоа што сме имале. Не само Македонија, светот се движи натаму. Европските земји одат кон десно, што е нормално во сите кризи, доброто од тоа е што народите ќе видат дека тоа не функционира па можеме да се надеваме на вртење кон екстремно лево. Како да живееме среќно? Никако. Среќата е само оргазмично чувство кое трае со секунди. Она што треба е задоволство од животот. И короната и опасносата од нуклерки (кои нема да се случат) ни даваат само некој преглед на кршливоста на животот. Што ќе направиме со тој нежен цвет е до нас, ама расцветајте. Толку сме навлезени во таа игра што плаќањето сметки е поважно од самото преживување. А милиони во Москва, во Вашингтон, во Брисел, гладни и жедни за правда никој не ќе може да ги спречи – смета Божиновски.

И да нема Трета светска војна, ние сами ќе си ја направиме

Јулијана Талеска, одделенска наставничка во ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп вели дека и децата совршено добро ги согледуваат работите, а тоа е така затоа што никој не се грижи што влегува во детското уво, а уште помалку што гледа детското око.

Јулијана Талеска: И да нема Трета светска војна, ние самите ќе си ја направиме. Ќе си кукаме и ќе се истребиме. Мора да постои критична маса.

– Како да се справиме со стравовите? Зар може некој да се справи? Живееме во многу чудни и забегани времиња, со куп предизвици и со многу, многу преиспитувања. Факт е дека многу работи за коишто бевме сигурни дека се надминати, дека нема да се повторат и дека човештвото ги научило лекциите од минатото, излезе дека не се надминати. Затоа, крајно депримирачки е кога гледаш дека зависиш од некоја фрустрација на „големец“ кој одлучува за тебе оти успеал да залепи куп плакати и да лиже онаму кајшто не се лиже. Или, пак, на повисоко ниво, успеал да се роди во некое семејство кое му овозможило да ја има позицијата која не ја заслужува. Е сега, оди тоа објасни им го на деца кои бистро те гледаат, на кои им е сè кристално јасно и кои умеат многу добро да анализираат околу себе. Искрено, многупати сум се нашла во средина на училницата, како морализирам и давам совети да се биде добар човек, да се почитува другиот, да се биде чесен, а низ главата ми поминуваат безброј примери на нечесност. Привидна реалност, информации, премногу информации, лажни, вистинити, преголема достапност до секакви вести, нема филтер, не се грижи никој што влегува во детското уво, а уште помалку што гледа детското око. Злоупотребата на интернетот, на компјутерот, на телефонот, на социјалните мрежи, расипаноста – вели Талеска.

Најлесно е да се валкате и да си лежите во валканиците, ама сепак, еднаш ќе треба да станете и да се измиете, додава наставничката.

– Кренете ја главата, напијте се кафе, вежбајте, молете се, дишете длабоко. Листајте убави моменти низ главата, редете сложувалки, читајте книги, гледајте телевизиски серии. Оти, најлесно е да се валкате и да си лежите во валканиците. Ама, сепак, еднаш ќе треба да станете и да се измиете. Оти, кај ќе ни е крајот? И да нема Трета светска војна, ние самите ќе си ја направиме. Ќе си кукаме и ќе се истребиме. Мора да постои критична маса. Барем оние што останаа и што не заминаа од земјава треба да бидат пример, да светат и да бараат поддршка. Ние, со страшно паднатиот рејтинг, со нискиот авторитет кај децата и кај родителите, сме вистинска светлина и потенцијал за промена. Потрудете се да светите и гледајте да не ви снема струја – додава Талеска.

Поврзани содржини