Најгламурозниот фестивал – Канскиот филмски фестивал, свечено ќе биде отворен вечерва со светската премиера на романтичниот мјузикл „Анет“, на францускиот сценарист и режисер Леос Каракс, со Марион Котијар и Адам Драјвер во главните улоги.
На прв поглед, се чини дека тоа ќе биде Канскиот фестивал којшто сме навикнале да го гледаме. На црвениот тепих се очекуваат бројни sвезди како Џоди Фостер, Шон Пен, Мет Дејмон, Тилда Свинтон или Адам Драјвер. Во конкуренцијата за наградите се вклучени режисерите како Вес Андерсон, Франсоа Озон, Жак Одијар и Пол Верховен. Сепак, тоа нема да биде вообичаен филмски фестивал.
По долгиот застој поради пандемијата на коронавирусот, гламурозното отворање на најголемиот филмски фестивал во светот вечерва претставува важен сигнал дека филмската индустрија повторно се покренува.
Многу мерки – како носењето маски во салите и држењето дистанца додека се чека во редовите – потсетуваат на фестивалот во Венеција минатата есен, кој беше првата филмска смотра одржана од почетокот на пандемијата.
Поради важечките прописи за патувањата, се очекуваат значително помалку гости од странство. Тоа би можело да значи – помалку забави, помалку претставници од Холивуд и помалку богати купувачи на тој по обрт најголем филмски фестивал.