ДДВ ЗА ГОРИВАТА ОД 18% НА 10% Од понеделник на полноќ цените во рикверц за 6 до 7 денари?
Владата донесе мерки за намалување на цените на горивата – ДДВ намалено на 10%, ослободување на мазут од државните резерви и прогласување кризна состојба за ефикасна примена на мерките.
Владата донесе две клучни мерки за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и компаниите – намалување на ДДВ за нафтените деривати и ослободување на количини на мазут од државните резерви, информира премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција по владината седница.
Со цел ефикасно спроведување на мерките, Владата прогласи кризна состојба на целата територија.
– Со намалувањето на ДДВ-то од 18 на 10 отсто, почнувајќи од понеделник на полноќ, цената на горивата ќе се намали за 6 до 7 денари по литар, нагласи Мицкоски.
Премиерот посочи дека без интервенција на Владата, Регулаторната комисија веќе во понеделник би донела одлука за ново поскапување на дизелот за 10,5 денари и на безоловните горива за 6 денари по литар.
– Мерките се директен одговор на реалните потреби на граѓаните и компаниите. Намалувањето на даноците веднаш ќе донесе пониски цени на горивата и ќе ја прекине ланецот на поскапувања низ целата економија – истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека Владата ќе продолжи со засилени контроли на пазарот и нема да дозволи злоупотреби, вештачко зголемување на цените или брза заработка на грбот на граѓаните.
– Македонија не е исклучок од глобалната криза. Ценовните шокови кај горивата се глобален феномен, но државата има едни од најниските цени на дериватите во регионот – потенцира Мицкоски.