ПОЛСКИ ВОЈНИК ПОВРЕДЕН ПРИ СУДИР СО МИГРАНТИ Нова ескалација на границата со Белорусија
Граничните тензии меѓу Полска и Белорусија повторно ескалираа, војник повреден, а воената полиција ја води истрагата.
Еден припадник на полската армија синоќа се здобил со полесни повреди додека се обидувал да спречи група мигранти илегално да ја преминат границата во близина на градот Черемха. Инцидентот го потврди Оперативната команда на вооружените сили на Полска.
Според информациите, на местото на настанот била повикана воената полиција која повела истрага. Полските медиуми пренесуваат дека во текот на инцидентот било употребено и огнено оружје, но не се прецизира дали повредата на војникот е резултат на тоа или од физичка пресметка.
Овој настан е втор сериозен инцидент на полско-белоруската граница во последниот месец. Кон крајот на јули еден мигрант беше застрелан при обид да ја помине границата заедно со уште четири лица. Тогаш, според полската армија, мигрантите биле агресивни и војниците биле принудени да употребат оружје.
Полските власти нагласуваат дека ситуацијата на границата е тензична и дека мерките за заштита ќе продолжат да бидат засилени, со цел да се спречат нови обиди за илегални преминувања.