ПОЛСКА НЕ ДОЗВОЛУВА АМЕРИКАНСКИТЕ БАЗИ ДА СЕ КОРИСТАТ ЗА НАПАДИ ПРОТИВ ИРАН Полските војници нема да бидат вклучени во војната
Полските и американските интереси се слични, во голема мера се преклопуваат, но не се исти, вели министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски.
Полските војници нема да бидат вклучени во нападите на САД и Израел врз Иран, рече министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски.
Базата на американскиот противракетен штит во Реџиково, во северниот дел на земјата ќе може да се користи само за пресретнување на балистички ракети, доколку Иран ги лансира директно кон САД или Европа, додаде тој.
– Полските и американските интереси се слични, во голема мера се преклопуваат, но не се исти – посочи Сикорски во интервју за полскиот весник „Жечпосполита“.
Тој истакна дека според потпишаните договори базата во Реџиково треба да открива и да уништува ракети што би претставувале закана за Европа и САД.
– Иран нема да испраќа такви ракети. Базата во Реџиково е градена со години, во случај на хипотетичка закана што досега не се остварила. И фала му на Бога – посочи Сикорски.
Министерот додаде дека и претседателот на Полска, Карол Навроцки, како врховен командант на вооружените сили, изјави дека нема да дозволи полската армија да се приклучи во војната против Иран.
– И владата и претседателот изразуваат политичка солидарност со нашиот најважен сојузник, но и со сојузниците и пријателите во Турција, Кипар и регионот на Персискиот Залив. Полска отсекогаш се залагала за безбедноста на Израел во рамките на неговите меѓународно признати граници – наведе Сикорски.
Тој потенцира дека Полска мора да се фокусира на она што се случува на границата односно, војната во Украина.
– Агресивната Русија, охрабрена од својата империјалистичка државна идеологија, испраќа беспилотни летала во полскиот воздушен простор – истакна Сикорски.