Возилото што претпладнево беше извадено од реката Вардар е во сопственост на вработен во болницата „Аџибадем Систина“, дознава Плусинфо.
Вработениот утрово дошол на работа и го паркирал својот автомобил на паркингот во близина на реката. Како што дознаваме, пред да се најде автомобилот во водите на Вардар претходел обид за кражба. Крадците го искршиле прозорецот на возилото „фолскваген поло“ и ја кренале рачната сопирачка, по што возилото од паркингот завршило во реката.
Автомобилот беше извлечен во близина на пешачкиот мост кај болницата „Аџибадем Систина“ со помош на сајли што преку водите на Вардар ги поставија спасувачките екипи од Противпожарната единица и нуркачката единица при МВР.