Политикантското наследство од блиското минато
Можам да наведам десетици историски примери токму од европската поблиска и подалечна историја на безобразно кршење на билатерални договори, на пример сите договори на Германија 1938-1940 година, или поновиот договор за неширење на нато (малите букви се…) кон границите на Русија и др. Па во оваа насока и пучот и масовните демонстрации од 27 март 1941 година во Кралството Југославија против договорот за пристапувањето кон Тројниот пакт. Или, ако баш сакате, зарем немаше договор, или ветување, дека со промената на името Македонија ќе стане членка на нато и веднаш ќе ги започне пристапните преговори за влез во еу? Или ветувањата, дури и на такви „ајкули“ како еу не мора да се почитуваат?
При годишното, или повеќегодишното срамнување на сметките, изминатата 2024 како заклучна за еден релативно подолг период од седум трауматични години треба да биде меѓникот на „пред“ и „после“, некаков репер на промените во вкупните државни, па и општествени политики. И по тоа, го сакале тие тоа или не, ќе се цени успешноста на новата власт. Но посакуваните, па и најавуваните промени сепак нема да можат да одат баш така безболно бидејќи спомнатото седумгодишно наследство значително го обременува секој нов пристап, секоја нова иницијатива.
И метастазира во сите сфери на општественото и политичкото милје, не само поради „убиствените“ политикантски решенија на долг рок за некои клучни државни прашања, туку и со фактичката неспособност и неукост на претходните водечки политички „елити“ на сдсм и дуи (малите букви се реален одраз на нивниот статус во општеството), комбинирана со невидена алчност, криминогеност и коруптивност. Само еден бегол податок: Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година после цели шест години и две (неспособни) министерки не е реализирана ни 2%! Згора, не е донесена ни нова стратегија – а и за што би служела? – за периодот 2022-2026 година. И никому ништо, сите среќни и задоволни, си впишаа министерување во портфолијата како некаков личен успех. Каков црн успех, по ѓаволите.
И таквата состојба можете да ја следите безмалку во сите области. Меѓу другото и во справувањето со актуелното катастрофично загадување на воздухот во Скопје, за коешто последната министерка за животна средина – наводно „експерт“ во областа – сега нѐ убедува дека било „долг процес“. Па малку ли ви беа седум години?
Но заминувањето на таквите неспособни ликови од политичката сцена на подолг период сепак, и за жал, не ја ослободува државата од нивното неодговорно политикантско наследство. Зашто тие односно погоре спомнатите партиски врхушки и нивните „лидери“ ја задолжија државата и пред светот со неколку малоумни – или безумни, како сакате! – локални и меѓународни обврски коишто сега, но и утре, ќе се влечат како долги опашки зад сите внатрешни и надворешни политики. Некои од нив се постари од периодот што го спомнувам, на пример оној со мултикултурното општество коешто се сведе на бикултурно, но тоа не е никакво оправдување за нивното дополнително усложнување со популистички и пазарџиски решенија. Меѓу нив и т.н. Закон за јазиците, „балансерот“ и други, а проблемот со дополнувањето на Уставот со оние два-тројца Бугари инспирира некои локални „мудреци“ да пледираат за ставање на сите етнички заедници во Преамбулата на Уставот, а Мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазиците да го нарекуваат „округло па на ќоше“ (sic!).
Оттука, наместо некои од клучните државни прашања полека да се европеизираат низ неопходната граѓанска призма, тие се балканизираат на најпростачки провинциски начин, дополнително се комплицираат и меѓуетнички се заоструваат, за да дојдеме до денешните (по којзнае кој пат повторувани) закани за одбрана „по секоја цена“ на „албанскиот јазик, достоинство и идентитет“ апропо едно во суштина нормално укажување на претседателката на државата за неопходноста за почитување на Уставот и законите при подготовката на новите закони!
Но, уште поцрна е сликата на меѓународен план, со сите оние налудничави политикантски самоволија на фалш триото Заев, Османи и Маричиќ, па авионскине акробации „ала Драгољуб Алексиќ“ со кренати палци за божемниот почеток на пристапните преговори, на неодговорното отсуство на историчност и државничка визија при потпишувањето на катастрофални билатерални договори и безумното преземање невозможни обврски пред меѓународната јавност итн. И сето тоа денес таа јавност речиси седкојдневно ни го поттура под нос како државна обврска иако нивните политикантски пулени се тотално развластени и демаскирани. Згора на тоа, истата таа меѓународна јавност, особено фрапантно силеџиската европска комисија (малите букви се… знаете веќе што), помпезно ги најавуваше и фалеше тие македонски обврски иако знаеше дека општото расположение во државата, изразено со дури 70%, беше против нив.
Истото сценарио продолжува и денес и со тие „договори“ се мафта како со квиско пред новата политичка гарнитура која и претходно беше категорично против истите. И сето тоа се оправдува со фамозната „pacta sunt servanda“ (договорите мора да се почитуваат) токму од страна на оние кои тоа не го прават! Се разбира, можам да наведам десетици историски примери токму од европската поблиска и подалечна историја на безобразно кршење на билатерални договори, на пример сите договори на Германија 1938-1940 година, или поновиот договор за неширење на нато (малите букви се…) кон границите на Русија и др. Па во оваа насока и пучот и масовните демонстрации од 27 март 1941 година во Кралството Југославија против договорот за пристапувањето кон Тројниот пакт.
Или, ако баш сакате, зарем немаше договор, или ветување, дека со промената на името Македонија ќе стане членка на нато и веднаш ќе ги започне пристапните преговори за влез во еу? Или ветувањата, дури и на такви „ајкули“ како еу не мора да се почитуваат?
Од друга страна, интересно е зошто кај нас целосно се игнорира спротивниот концепт наречен rebus sic stantibus којшто прецизира дека една страна може да се повлече односно да го раскине договорот доколку настанале фундаментални промени во состојбите. А има ли поголема промена од губењето на избори на потписниците на договорот? И зарем масовното народно незадоволство – како на пример на 27 март 1941 година – не е важно и не треба да се смета за фундаментална промена на состојбите? И што ќе ни се случи, повторно ли ќе нѐ бомбардираат како на 6 април? Сакам да кажам: придржувањето односно исполнувањето на меѓународните договори секако е основен принцип на меѓународното право коешто веројатно и не би постоело без тој принцип. Но кога, како во случајот со Македонија, се судирате со очебијна промена на состојбите, со очигледни национални фрустрации, па и со недозволени (да не речам лажливи) активности (особено во врска со протоколите!) на актерите кои го потпишаа сега спорниот Договор со источниот сосед, зарем тоа не се доволни причини да се прекине со поддршката на едно перверзно задоволство на една членка?
Се разбира, на ова понатаму се надоврзува општиот молк на меѓународната јавност и во однос на добронамерната понуда на новата власт за прифаќање на дополнителниот услов за промена на Уставот но по завршувањето на пристапните преговори (како вид на т.н. „escape clause“), што претставува гаранција дека Договорот ќе биде исполнет од македонска страна. При што молкот на инволвираните меѓународни страни само долева негативни поени на ионака мизерниот рејтинг на еу кај мнозинството македонски граѓани, но и подгрева оправдани сомнежи за дополнителни кукавички условувања од страна на источниот сосед!
И тоа се само дел од „опашките“ оставени на државната сметка од страна на претходната коруптивно-криминална „елита“ на двоецот сдсм-дуи. Состојбите и внатре во државата, во сите области (здравство, образование, култура, социјала, животна средина, медиуми и др.) се буквално катастрофални, закочени во некое недефинирано лимбо и сѐ подалеку од цивилизирани разрешници.
Извор: Теодосиевски уметност