Политички канибализам

Па и денес ќе слушнете небулози од типот дека Филипче се покажал како „талентиран политичар во време на кризата“(!?) иако бевме во светскиот врв по бројот на смртност од ковид. Филипче – талентиран политичар? Па ве молам!

752

Вон сите текови на современата политичка и општествена мисла, наспроти сите нормални процеси на прогресивно – па нека е и утописко! – „просветителство“ на политичките и интелектуалните елити во цивилизираните држави денес, кај нас изборите се речиси еденствениот граѓански/демократски механизам за посакуваните, или очекуваните, општествени трансформации. И за граѓаните, во однос на нивниот конечен избор, но и за политичките партии со нивната политичка (кадровска и програмска) понуда. Односно – таа политичка, а пред сѐ кадровската понуда, како приоритетен предизвик за граѓанинот да го даде својот глас за одредена политичка опција. Или не, се разбира.

И вкупната македонска предизборна ситуација „мириса“ повеќе на она не отколку на да. Или, како партиите, особено двеве најголеми македонски партии – „прогресивниве“ слепци особено – да се трудат да ја артикулираат токму „негативната опција“, онаа којашто носи политичка штета а не полза. Поточно, како да форсираат еклатантен политички канибализам внатре во партијата, каде големите риби ги јадат малите (како што вели еден познат и прилично смешен „професор“!), или (повторно во стилот на истиот), каде што врхушката ужива да клоца мали кучиња ама бега од големите. За среќа, клоцачи на кучиња веќе не поминуваат во политиката!






Се разбира, на крај памет не ми е сериозно да ја обмислувам актуелната „кадровска“ понуда за претстојните избори, но веќе на прв поглед евидентен е тој политички (поточно политикантски!) канибализам што веќе долго време владее (не само) во оваа партија. И тој прави таква монструозна чистка во партиските редови, што како носител на листа го става дури и еден Филипче како адут што ќе привлече гласови, со сите негови катастрофално дилетантски, па дури и животозагрозувачки опашки. Или еден Спасовски, на пример, што се граничи со чисто лудило после сѐ што тој човек (не) направи во време на неговиот мандат, а особено со хаосот со личните документи ставајќи ја во бирократско заложништво цела држава!

Затоа, впрочем, дури и нивни непоправливи партољубци и/или симпатизери веќе нескриено говорат за некаков опсесивен самоуништувачки синдром што ја зафатил врхушката на оваа партија. Иако, нели, малку е налудничаво свесно да си поставиш таква и толкава бомба среде партиските редови и да ја активираш за време на избори, но и втората можна варијанта на лудилово – глупоста како заедничка единица мерка на раководството – е еднакво поразителна. Се договориле ли да ја пратат партијата во историјата? Можеби, не дека ќе плачеме, ама таа партија има ли членство, има ли раководни органи, има ли еден паметен човек во нејзините редови кој може барем да праша: зошто?

Просто, не можете а да не се сетите на природниот закон, или нагон за опстанок, при што дури и животно во стапица е подготвено да жртвува дел од телото за да преживее, не пак една толкава партија да не може да се ослободи од каменот околу врат што ја влече во уништувачкиот амбис!? Како е можно една осведочено криминална врхушка така слободно повторно да се репозиционира на добитни изборни места, небаре се заслужни за не-знам-што а не за тоталниот крах на државата и партијата?

Не дека целото медиумско-политичко опкружување во Македонија нема соодветен (негативен) удел во ублажувањето, па и негирањето, на апсолутната неспособност на оваа сдсм-овска дилетантска гарнитура, не дека нивната „интелектуална“ клиентела позиционирана во дел од јавниот просто не придонесе за маскирањето односно заташкувањето на создадениот од нив криминално-коруптивен хаос во државата. Па и денес ќе слушнете небулози од типот дека Филипче се покажал како „талентиран политичар во време на кризата“(!?) иако бевме во светскиот врв по бројот на смртност од ковид. Филипче – талентиран политичар? Па ве молам!

Или, успешно ја релоцираат вината за сите катастрофи во државава кај опозицијата обвинувајќи ја за сѐ и сешто, а највеќе за неуспешните политики на власта, исцртувајќи идиотски цртежи за „вистинскиот патриот“, лепејќи непријателски/предавнички етикети за сѐ што е вон нивниот клиентелистички втренчен ум. Згора, ќе прочитате и такви епохални бисери за оваа криминална банда дека со работа стекнале богатство (sic!).

За жал, овој тип на канибализам не е својствен само на политиката, иако таа е неговата перјаница. Димензиите на македонската морална и интелектуална трагедија пропуштена низ партократската глупост, нивелацијата и негативната селекција, низ измислици од типот на коекакви „балансери“ и „позитивни дискриминации“ за заглупување на државната администрација одамна се доближија до врвот после којшто – нема назад. Идеолошкото наследство од информбирото и соцреализмот веќе стануваат детска играрија во споредба со владеењето на денешниот политичко-интелектуален канибализам на оваа власт, што отворено се заканува земјата да ја претвори во бандитска држава од јужноамерикански тип на Балканот.

Хибридната држава на „прогресивциве“ на чело со нивната криминална полит-мафија метастазира во сите битни општествени сегменти бидејќи државното ткиво не се регенерира со свежа политичка и интелектулна мисла туку дефинитивно се закостува низ процесот на самопресликување, на огледално криминогено мултиплицирање коешто по правило не може да внесе нов дух. А прочистување повторно ќе нема, очигледно е тоа и преку спомнатите партиски перјаници на изборните листи. Секако, не смее во овој контекст да се заборави/занемари влијанието на „стратешките партнери“ кои, јасно е ко бел ден, сакаат да играат само со малоумници и неуки прислужници, со морални инвалиди и неспособни политиканти. Дури и го поттикнуваат политичкиот канибализам на секогаш гладниве македонски политиканти, организирани како хиени во крвожедни крда: и понатаму, упорно, бараат од нас да се држиме до такви ликови!

Маскедонскиот граѓанин како да е поставен пред нерешлив проблем: апатично излегување на гласање и кинење на гласачкото ливче или, просто, останување дома како можно решение на проблемот? Но, така не се решава тој проблем. Не дека јас имам готово решение, но против вакви ликови мора да се бараат нови средства за борба. Некој во светов мора да знае како да се справиме со ликови како оној Пинокио на Водно, или оној умислен „ала Гошњак“ во Владата или сите оние други што се гледаат себеси во претседателски и/или премиерски униформи. Како што и Ковачевски – да не му го спомнувам прекарот – на 9 мај се гледа себеси повторно на чело на Владата. А не се прашува зошто не го пуштиле да влезе на оној конгрес во Рим!

П.С.

И, се разбира, на листа ќе биде и оној кој прогласува за донесен закон со 51 глас „за“, и онаа која крека „па ние сме мнозинство“ и уште дузина други од актуелнава полуписмена „мнозинска“ булумента. И тие се навистина мнозинство, но она криминално, коруптивно, неспособно мнозинство што ја доведе оваа држава до дното!

Поврзани содржини