Политичарите манипулираат со јавните обвинители, а тие со предметите и со правдата

Главна причина за неажурното и нестручно работење во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција е скандалозниот избор кој се случи на 31.01.2018 година, при што беа маргинализирани повеќе стручни обвинители, со меѓународни обуки.

2,468

Со новиот Закон за кривична постапка (ЗКП), кој се применува од 01.12.2013 година, значително се зголемија надлежностите на јавните обвинители ќ, за што е зборувано повеќе пати. Пред да започне да се применува овој закон се правеа анализи за сè што е потребно за да може јавните обвинители нормално да функционираат. Се предвидуваше зголемување на бројот на јавните обвинители, на стручните соработници и други т.н. помошен персонал за 25 до 30 отсто повеќе од постојните. Се предвидуваше зголемување на просторните услови каде ќе работаат јавните обвинители и вработените, па дури и посебни простории за лицата од истражните центри кои би биле формирани во иднина.

Наспроти наведеното, во последниве години најголем број јавни обвинителства се наоѓаат во исклучително тешка состојба поради недостиг пред сè на јавни обвинители и на друг персонал. Состојбата е добро позната во јавноста, а и во неколку наврати е укажувано и од Државниот јавен обвинител. Иако јавните обвинители се наоѓаат во тешка состојба поради недостиг и на други услови за работа, повеќето од нив работаат макотрпно и постигнуваат задоволителни резултати.






Илјадници предмети се работат спротивно на член 275 од ЗКП

Меѓутоа, во некои обвинителства со години наназад неажурноста претставува нерешлив проблем, како на пример во ОЈО Скопје, ОЈО Гостивар и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Скопје (ОЈОГОКК). Илјадници предмети се работат спротивно на член 275 од ЗКП. Во оваа прилика би требало да се потсетиме на овој член кој има наслов: „Рок за одлучување по кривичната пријава“.

Став 1: „Ако јавниот обвинител во рок од три месеци од денот на приемот на кривичната пријава не одлучи по пријавата, должен е веднаш писмено да ги извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител“.

Став 2. „Кон известувањето од ставот 1 на овој член до повисокиот јавен обвинител се изнесуваат и причините за неодлучување по кривичната пријава“.

Како што е познато, јавнообвинителски одлуки се: Решение за отфрлање на кривичната пријава, Наредба за спроведување на истражна постапка, Обвинителен предлог во скратена постапка и други одлуки.

Прикривање на предмети со години

Друг голем проблем е погрешното заведување на кривични пријави против познати полнолетни лица во уписникот РО. На овој начин на заведување, во многу од случаите целта е да се прикрие некој предмет од разни причини и ваквите предмети стојат со месеци непостапени, а многу од нив со години. Погрешно е решавањето на овие предмети со Резолуција или Констатација. Вакви работи не познава ни стариот, а ни новиот ЗКП.

Дека е ова пракса треба да се видат уписниците РО и да се изврши надзор. Во овој момент, се сеќавам на два случаја од ОЈО Скопје. Првиот е случајот со оштетено семејство од Скопје, кој пријавиле кривично дело Бесправно градење од член 244-а од КЗ против физичко лице и против правно лице. Предметот пет години стоеше нерешен во уписникот РО. Дали после петтата година е решен и како е решен, не ми е познато.

Во Советот е формиран предмет РО бр. 27/17 за неколку предмети заведени во уписниците КО и РО, кои стоеле нерешени подолг период. За овој случај доставив информација во Советот на јавни обвинители, која требаше да биде разгледана, бидејќи освен на овој случај, се однесуваше и на други случаи погрешно заведувани во уписниците во ОЈО Скопје. Меѓутоа, проблем е како да им се објасни на граѓаните за ваквите неажурни состојби и „грешки“ во заведувањето, а се оштетени или пријавиле кривични дела. Кои права ги имаат оштетените предвидено во членот 57 од ЗКП и тоа во петнаесет точки. Овие членови се разработени во други членови во ЗКП.

За овие проблеми во писмениот извештај на Стејт Департментот на САД од оваа година многу јасно се наведува дека обвинителствата често ги пробиваат роковите во работењето, имаме закочени-некомплетирани истраги, а нема одговорност од лицата кои постапуваат на тој начин. Изнесеното од Стејт Департментот е сосема точно!

Зошто реагираше амбасадорот Бејли во 2018 година?

Главна причина за неажурното и нестручно работење во ОЈОГОКК е скандалозниот избор кој се случи од советот на 31.01.2018 година. Тогаш не беа избрани експерти со меѓународни обуки. Со обуки за борба со организиран криминал од сите области, колку што можам да се сетам, се Владимир Милошевски, Спасенка Андонова и други. На нивни места беа избрани многу послаби јавни обвинители, без обуки или со мал број и без доволно искуство. Поради таквиот скандалозен избор во првите денови на месец февруари 2018 година реагираше со право американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли. Тој меѓу другото, кажа дека: „Довербата на граѓаните во правосудството е повторно срушена“.

Следеа нови слични удари врз ова обвинителство, со неизбирање на експерти со огромен број обуки во државата и ви странство, за кои беа потрошени огромни финансиски средства. Меѓу нив беше јавниот обвинител Златко Биковски, кој е вратен во ОЈО Берово, за да работи предмети од скратена постапка. Тој постојано конкурира за повисоки места во Јавното обвинителство, но за него место нема, а тој е еден од најдобрите обвинители во државата.

Сличен е случајот со други обвинители, како на пример Гордана Гешкоска, која е маргинализирана во ОЈО Скопје, а има и многу други јавни обвинители кои се на сличен начин маргинализирани, иако имаат огромно искуство и знаење и меѓународни обуки и др.

За јавноста и за јавните обвинители е непознато кои обвинители се имаат јавено на огласите за пет јавнообвинителски места во Вишото јавно обвинителство Скопје и за пет јавнообвинителски места во ОЈОГОКК.

Сега не треба јавноста да се чуди зошто имаме толку нерешени истраги, а одговорот е многу едноставен – некои од јавните обвинители не се стручни да подготват сложени обвиненија и други јавнообвинителски одлуки.

Македонија години наназад не бележи никаков напредок во владеењето на правото, во довербата на граѓаните во правосудството, а тоа е поради вмешаност на владејачките политичките партии во правосудството.

За „Рекет“ – она што лошо почнало, лошо завршува

Во врска со неажурноста на ОЈОГОКК Скопје, би го спомнал сега сè уште актуелниот случај „Рекет“, кој беше разгледуван на 73. седница на Советот. Моите забелешки ги кажав на таа седница и на 74. седница на Советот. Јавноста знае, бидејќи за тоа се пишуваше две години во медиумите за „случајните пропуштања“ и за непреземање на благовремени соодветни дејствија од јавниот обвинител.

Да ја потсетам јавната обвинителка дека и за овој предмет важи начелото на легалитет на кривичното гонење, согласно со член 18 од ЗКП кој гласи: „Јавниот обвинител е ДОЛЖЕН да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, освен ако со овој закон поинаку не е определено“

Во овој случај и во други случаи, за да не откријам „службена тајна“, во врска со овој предмет, а се споменуваат во медиумите, јавниот обвинител беше должен, согласно со начелото на легалитет да постапува и по допрен глас бидејќи за тоа имаше основани сомненија за сторени кривични дела за кои се гони по службена должност.

Случајот „Рекет“ најверојатно ќе заврши онака како што рекле старите Римјани: Ab inicio nullum, semper nullum, што значи „Она што е лошо започнато, лошо завршува“.

На 15.11.2019 година во медиумите имаше напис „Камчев ги тужи Катица Јанева, син и и обвинителката Стефанова“, за повеќе кривични дела за кои се гони по службена должност, каде Јордан Камчев е оштетено лице. Иако изминаа 18 месеци, сè уште не е решен предметот, а рокот за решавање, ќе повториме, е 3 месеци, согласно погореспоменатиот член 275 од ЗКП. Овој предмет е поврзан суштински со спомнатиот предмет „Рекет“ и според јавнообвинителската пракса е двата предмета да се решаваат истовремено и брзо.

Добронамерни критики без резултат

За оваа состојба зборував на 98 седница на Советот, за која е усвоен записник и мора да се објави според законот. Причините за необјавувањето на записникот од оваа седница и оваа моја дискусија, иако има и други работи во истиот, општопознати, за кои јавноста не треба да се потсетува. Меѓутоа, колку и да е болна вистината таа треба да се извади и да го види светлото на денот. Со криење на вистинските состојби во Јавното обвинителство и воопшто во правосудството, не можеме да ја вратиме довербата на граѓаните во истите.

Претставниците на странските амбасади, на меѓународни организации во Скопје како и од многу невладини организации постојано добронамерно нè критикуваат, за претходно наведените состојби да се подобрат, но многу пати не се прави ништо во праксата.

(Авторот е поранешен Јавен обвинител и претседател на Совет на јавни обвинители)

Поврзани содржини